Се интензивира собирањето хуманитарна помош за Украина - министерството за надворешни работи и Црвениот крст потпишаа меморандум кој треба да резултира со поефикасна координација во соработката, но и дополнителна мобилизација на општеството за донирање на неопходната помош.
Досега на сметките на Црвениот крст се собрани околу 43.000 евра – итно се потребни храна, вода, производи за хигиена, санитетски материјали и прва помош.
Паралелно со обезбедувањето хуманитарна помош, земјата се подготвува и за примање бегалци. Од стартот на руската агресија пред 20 дена, досега во земјава се регистрирани 50-тина граѓани од Украина.
„Заклучно со вчера во нашата држава регистрирани се 51 граѓанин од Украина. Треба и понатаму да продолжиме во хуманитарните активности кои се организираат. 19 се сместени во Скопје, 13 во Гевгелија, 2 во Валандово, 3 во Струмица, а останатите во Прилеп и сите се сместени кај пријатели и роднини. Но, тоа не значи дека системот не е подготвен за колективно сместување во објекти одредени од владата. Во случај на поголем прилив тие ќе се сместат во тие објекти, а грижата за нив ќе ја преземе Црвен крст“, изјави Саит Саити, генерален секретар на Црвен Крст.
Владата се уште не го затворила списокот на државни сместувачки капацитети. Досега се утврдени само неколку одморалишта кои би се активирале во случај на поголем наплив на бегалци од Украина.
„Тоа што Владата вчера на седница го одобри како список на институции кои МНР ги предложи, а ги собра како информации од неколку институции се од делот на министерството за труд и социјала, тоа се неколку одморалишта со точен број на соби, оспособени за прием на бегалци, од ЦУК беа претставени двата транзитни центри за поголем број бегалци и одредени други институции, меѓутоа вчера дадовме уште еден повик до институциите да го дадат конечниот список за да можеме да излеземе и со бројката.“, истакна Бујар Османи, министер за надворешни работи на Северна Македонија.
Украинските претставници во земјава се заблагодарија за досегашната помош добиена и од граѓаните и од бизнис -секторот.
„Сега Русија води војна со целиот цивилизиран, демократски свет и Украина се наоѓа на предната линија на оваа војна. Многу ни е тешко, Русија сака да ја уништи Украина, да ја уништи демократијата и слободата во близина на своите граници. Но, ние се бориме и ќе се бориме бидејќи се наоѓаме на нашата земја и целиот цивилизиран свет е со нас“, истакна Наталија Задоружњак, амбасадорка на Украина.
Северна Македонија остро ја осуди руската агресија, потврди дека го почитува територијалниот интегритет на Украина и целосно се усогласи со позицијата на Европската унија и санкциите што ЕУ ги презеде против Москва.