Северна Македонија и Албанија ја завршија потребната работа и припаѓаат во европската сфера, a продолжувањето да се одложува овој процес само ќе им овозможи на малигните актери да ја искористат оваа неизвесност, напишаа во писмо до државниот секретар на САД Ентони Блинкен група од 19 конгресмени, кои побараа администрацијата на Бајден да го зголеми дипломатскиот ангажман во Западен Балкан.
Конгресмените велат дека со оглед на неиспровоцираната руска инвазија на Украина, поважно од кога било е САД да ги продлабочат ангажманот и вклученоста во регионот.
„САД треба да се фокусираат на работа со релевантните засегнати страни каде што е соодветно за да го олеснат процесот на пристапување во ЕУ и да промовираат поголема регионална стабилност“, се вели во писмото иницирано од демократската конгресменка од Невада Дина Титус.
Според нив, „двоумењето на некои земји-членки на ЕУ за прием на нови членки го зголеми евроскептицизмот во целиот регион и има индикации дека некои граѓани се подготвени да ја жртвуваат демократијата за 'брзо решение' за подобрување на нивната економска ситуација“.
„Целосната интеграција на Западен Балкан во трансатлантската заедница треба да биде приоритет за САД ,како што гледаме да ги зацврстиме нашите сојузи низ Европа и да ги одвратиме ширењето и влијанието на автократските режими, вклучувајќи го и оние на Русија и Кина“, напишаа конгресмените.
Тие нагласија дека низ Западен Балкан „Русија и Кина промовираат авторитарни и антидемократски наративи. Заедно со распространетата реториката за поделба од страна на некои политички лидери во регионот, тешко стекнатите демократски придобивки се под екстремна закана“.
Конгресмените побараа од Блинкен САД да ги зголемат инвестициите и регионалната интеграција, велејќи дека инвестициите на САД во регионот се клучни за заштита на стабилноста на различни влади.
„Ова ќе помогне во борбата против руското мешање, како и на вмешаноста на Кина во големи инфраструктурни проекти и инвестиции во клучните индустрии, вклучително и во комуникацијата.Поддршка за поголем ангажман за поттикнување на пристапувањето во ЕУ и зацврстување и заштита на овие долгорочни инвестиции“, предложија, меѓдругото, конгресмените.
Во писмото се вели и дека Високиот комесаријат за човекови права на Обединетите нации и мисијата на ОБСЕ во Босна и Херцеговина, изразиле загриженост оти постапките и реториката што преовладуваат во Србија и Босна и Херцеговина, кои ги величат осудените воени злосторници, може да поттикнат ново насилство.
Тие истакнаа оти фактот што не се нормализирани односите меѓу Србија и Косово ја загрозува „стабилноста на поширокиот регион и бара итно внимание. Демократската нестабилност дозволува малигните влијанија од Москва и Пекинг да се зголемат во Западен Балкан, заканувајќи се на долгогодишната меѓународна работа во поддршката на отпорни демократии“.
Целото писмо го објави конгресменката Дина Титус на нејзиниот Твитер профил: https://twitter.com/repdinatitus/status/1499830355024613386?s=20&t=VY2B7JXPUz6mHgYVngpDig&fbclid=IwAR1yVUPfEyV-XqRls08yUefk_Tr5eg8waIWMVbP9Yiuzgtd57SaTXZegLas
Facebook Forum