Северна Македонија и САД се залагаат за дипломатско решение на украинското прашање, а двете држави стојат и на страната на суверенитетот, територијалниот интегритет и неповредливоста на границите на Украина. Ова го потврдиле македонскиот министер за надворешни работи Бујар Осман и Дерек Шоле, советник на Стејт департментот на САД, кои имале телефонскиот разговор. Македонските власти на неколку пати досега, јавно и јасно ја искажаа својата поддршка за сојузниците во НАТО и почитување на меѓународно утврдените граници на Украина.
„Беше упатен заеднички повик за деескалација на состојбите преку дијалог и дипломатска комуникација, што е во интерес на целокупната европска безбедност. Османи и Шоле размениле мислења и за актуелната безбедносна состојба во Европа и случувањата во и околу Украина, при што беше нагласено дека зајакнувањето на трансатлантската соработка и заедничкиот пристап е од примарно значење за надминување на актуелните безбедносни предизвици“, велат од Министерството за надворешни работи на Северна Македонија.
Високиот американски претставник ги реафирмирал и напорите и поддршката на официјален Вашингтон за што побргу отпочнување на преговорите на Северна Македонија со ЕУ. Разговорот со Османи доаѓа веднаш по неговата посета на Бугарија.
„Советникот Шоле уште еднаш ја реафирмираше американската јасна и недвомислена поддршка за што поскоро отпочнување на пристапните преговори со ЕУ, при што беше заемно оценето дека европската перспектива и присуството на САД во регионот се особено значајни за стабилноста и просперитетот на Северна Македонија и Западен Балкан“, додаваат од МНР.
Од МНР велат дека ова е втор телефонски разговор на Османи и Шоле во изминатите две недели и оти истиот се случува во особено значаен момент, со оглед на нововоспоставениот дијалог меѓу Скопје и Софија и преземените чекори во насока на градење на довербата и надминување на предизвиците меѓу двете земји. Биле разгледани и можностите за продлабочување на стратешкото партнерство помеѓу Северна Македонија и САД и јакнење на трансатлантските врски.