Линкови за пристапност

За власта има динамизирање на разговорите со Бугарија; опозицијата тврди заткулисни преговори на штета на идентитетски прашања


Османи реферира за разговорите со Бугарија
please wait

No media source currently available

0:00 0:03:29 0:00

Османи реферира за разговорите со Бугарија

Настапот на шефот на дипломатијата пред собраниската комисија за надворешни работи наместо информирање за текот на процесот со Софија се претвори во политичко-партиска расправа и надмудрување. Бујар Османи, кој беше дел од владината делегација на средбите во Бугарија, ги уверуваше пратениците дека во разговорите со соседот, од чиј исход зависи дали Бугарија ќе го крене ветото, никој не преговарал за чувствителните прашања.

„Кога сме кај чувствителните прашања, сакам јасно и гласно да повторам – никој не преговара за идентитетот! Јазикот и другите идентитетски атрибути се прашања кои произлегуваат од правото на самоопределување на секој човек, на секој народ, на секоја етничка заедница, на секоја држава и тоа е неприкосновено право посилно од било кое друго право. За овие прашање ниту сме преговарале, ниту имаме право да преговараме, ниту некој некогаш ќе преговара.“, изјави Бујар Османи, министер за надворешни работи на Северна Македонија.

Опозицијата праша како да има доверба во начинот на кој се водат разговорите кога не ги добиваат одговорите што Скопје ги пратило во Софија на т.н „5+1 пакет-прашања“.

„Како ние да имаме доверба како пратеници кои што ги избрал народот, пратениците ја избрале владата а владата не сака со нас да сподели еден нон-пејпер кој што во декември бил испратен во Софија. Како да ги изградиме тие позиции во кои што вие сте го напишале вашето мислење, стручно лице го дополнило тоа мислење, а вие не ни давате ниту право, ниту доверба како пратеници да дадеме сугестија за тој нон пејпер кои што сакаме да биде во согласност со Декларацијата која што ова Собрание ја усвои.“, истакна Антонијо Милошоски, ВМРО-ДПМНЕ.

Османи објаснуваше дека не може да се зборува јавно за документи кои се уште се тема на разговори меѓу двете страни и кои се уште не се усогласени.

Меѓувладина конференција, притоа, нашата клучна позиција е дека во самата преговарачка рамка, македонскиот јазик да биде третиран како официјален јазик на Европската Унија без никакви додатни квалификации како и прашања поставени од Бугарија.
Османи, министер за надворешни работи на Северна Македонија

„Денес веќе не разговараме за идентитет, туку единствено за пристапот при утврдувањето на правото на самоопределување на секој – во согласност со постоечкото државно уредување кај двете држави. Тоа не води до сетот политички прашања кој до неодамна беше именуван како пакет 5+1. За нас најважното прашање во тој пакет е токму Имплементацијата на одлуката на европскиот совет од март 2020-та година, преку одржување на првата Меѓувладина конференција, притоа, нашата клучна позиција е дека во самата преговарачка рамка, македонскиот јазик да биде третиран како официјален јазик на Европската Унија без никакви додатни квалификации како и прашања поставени од Бугарија.“, рече Бујар Османи, шеф на дипломатијата на Северна Македонија.

Дел од пратениците прашаа каде е почетокот на пристапните преговори за коj пред Нова година се најавуваше дека може да се случи веќе во јануари.

„Во јануари, јас кажав во една друга прилика дека може да се добие датум за скијање и еве го јануари помина, гледаме Заев е на Шамони со фамилијата, така што Заев доби датум на скијање, ама Македонија не доби датум за преговори.“, истакна Александар Николовски, ВМРО-ДПМНЕ.

И бугарскиот премиер денеска реферираше пред пратениците за неодамнешните средби со македонската страна. Според Кирил Петков, во односите меѓу двете земји, се чувствува нова динамика и подготвеност за решавање на отворените прашања.

Тој откри дека за 4 февруари Бугарија и Северна Македонија подготвуваат заедничко чествување на Гоце Делчев по повод 150-годишнината од неговото раѓање.

XS
SM
MD
LG