Линкови за пристапност

Пендаровски и Радев го поздравија новиот динамизиран дијалог меѓу Северна Македонија и Бугарија


Пендаровски Радев
Пендаровски Радев

Телефонскиот разговор меѓу двајцата претседатели следи по само 3 дена откако премиерите на двете земји најавија нов пристап во односите Скопје-Софија кој, според изјавите, треба да резултира и со деблокада на евроинтеграциите.

Двајцата претседатели разговараа за најновиот развој на билатералните односи меѓу двете соседни држави во светло на неодамнешната посета на бугарскиот премиер, како и претстојните активности во Софија.
Соопштение на Кабинетот на Пендаровски

„Двајцата претседатели разговараа за најновиот развој на билатералните односи меѓу двете соседни држави во светло на неодамнешната посета на бугарскиот премиер, како и претстојните активности во Софија. Во тој контекст, претседателот Пендаровски го поздрави воспоставениот дијалог меѓу двете влади и ја истакна подготвеноста на Република Северна Македонија за негово интензивирање во наредниот период“, пишува во соопштението од кабинетот на Пендаровски.

Тој и Радев разговарале и за можноста за скорешна посета на македонскиот претседател на Софија што би претставувале зајакнување на комуникацијата на највисоко ниво во претстојниот период.

Телефонскиот разговор меѓу Пендаровски и Радев доаѓа во пресрет на заедничката седница на владите на двете земји најавена за во вторник во Софија. Многу е веројатно претходно, в понеделник, да има и средба меѓу министрите за надворешни работи Бујар Османи и Теодора Генчовска.

Во согласност со точките усогласени за време на посетата на бугарскиот премиер Петков, владата ги назначи ко претседавачите и членови на заедничките меѓу владини работни групи за продлабочување на билатералната соработка. Без малку сите членови на новата влада на Ковачевски се дел од овие работни групи.

Во делот на економијата, трговијата, енергијата ги направивме сите подготовки.
Бектеши, министер за економија

„Во делот на економијата, трговијата, енергијата ги направивме сите подготовки. Ќе одиме во понеделник, вторник во Република Бугарија со конкретни предлози и конкретни договори и меморандуми што би ги потпишале. Ќе ја слушнеме и нивната страна кои се нивните предлози и најверојатно во делот на економијата можеме многу лесно да се усогласиме.“, изјави Крешник Бектеши, министер за економија.

Дел од дипломатите акредитирани во Скопје во изминатите денови, по средбите Ковачевски-Петков, ги поздравија засилените чекори кои треба да доведат до изнаоѓање решение за отворените прашања од што зависи и деблокадата на ЕУ – процесот.

XS
SM
MD
LG