„Ексел табели, рокови и остварувања“, тоа двајцата премиери Ковачевски и Петков го побараа од своите министри на денешната заедничка владина седница меѓу Северна Македонија и Бугарија.
Профункционирањето на заедничките работни групи во неколку области клучни за зајакнување на меѓусебната соработка е дел од новиот пристап – динамизиран дијалог за прашања кои се од интерес на граѓаните, а не само за историските прашања како што беше до сега.
Ова е успех зашто само по една недела од нашата прва средба во Скопје на која се договоривме да работиме на теми кои значат за граѓаните подобра соработка, подобра комуникација, засилена економска соработка.Ковачевски, премиер на Северна Македонија
„Ова е успех зашто само по една недела од нашата прва средба во Скопје на која се договоривме да работиме на теми кои значат за граѓаните подобра соработка, подобра комуникација, засилена економска соработка. Сето тоа треба да не доведе да и покажеме на Европа дека на Балканот може и треба да се соработува и дека ќе покажеме дека сме пример за тоа како се соработува. Кирил и јас сме луѓе кои сакаат Ексел табели и сакаат рокови и остварување“, изјави Димитар Ковачевски, премиер на Северна Македонија.
На средбите на четири од работните групи било договорена динамика околу коридорот 8, воспоставување авионска линија Скопје-Софија, соработка во делот на образованието, а ко претседавачите на историската комисија го утврдиле календарот на работа. Бугарскиот премиер Петков е оптимист - вели дека треба да се работи во интерес на граѓаните кои, како според него, не сакаат политичка реторика, туку резултати.
Луѓето во двете земји, во Северна Македонија и во Бугарија, очекуваат реални резултати, тие не очекуваат политички реторика, туку резултати.Петков, премиер на Бугарија
„Кај мене постои голема надеж. На синоќешната вечера видовме дека дел од министрите планираат конкретни мерки и затоа очекувам веќе денеска реални први резултати, реални спогодби, планови во сите од сферите. Верувам дека овој дијалог, оваа конструктивна работа ќе го замени национализмот, јазикот на омраза, дискриминацијата. Очекувам сето тоа да покаже дека кога имате луѓе од двете страни кои сакаат да направат добрососедство, тоа ќе функционира само со добра работа и со добри цели. Луѓето во двете земји, во Северна Македонија и во Бугарија, очекуваат реални резултати, тие не очекуваат политички реторика, туку резултати.“, истакна Кирил Петков, премиер на Бугарија.
Ковачевски и Петков имаа и тет-а-тет средба. Дали на неа во детали зборувале за проблематичните прашања?
„Зборувавме за политичките прашања и овде и во Скопје, но доминантно се разговараше за темите на работните групи. Критериум за успех би бил низ еден дијалог да се постигне договор и во догледен период одржување на Меѓувладините конференции Северна Македонија-ЕУ.“, изјави Димитар Ковачевски, премиер на Северна Македонија.
Дводневната посета на македонската влада на Бугарија се случува во период кога премиерот Петков и неговиот кабинет се под силен притисок од опозицијата за односот на Бугарија кон украинската криза. Петков не даде јасен одговор на прашањето дали тензиите меѓу Западот и Русија може да влијаат на динамиката на процесот со Скопје.