Линкови за пристапност

Исламскиот екстремизам во Русија


Експерти велат дека репресивната руска политика турка илјадници да се приклучат на Исламската држава

Надир Медетов или познат со друго име како Надир Абу Халид, требаше да биде во куќен притвор во Дагестан, руска република во Северен Кавказ, кога минатата година се појави во видео на Исламската држава во Сирија давајќи заклетва на верност на лидерот Абу Бакр ал Багдади.

Одлуката на 32-годишниот салафист Медетов заедно со илјадници млади од Северен Кавказ да се приклучат на Исламската држава доведе до прилив на нови регрути за радикалната исламистичка група, велат аналитичарите и руските разузнавачки извори.

Според Александар Бортников, директор на Федералната служба за безбедност или ФСБ (поранешната КГБ), главната агенција за безбедност на Русија, најмалку 3.000 руски државјани се борат во Исламската држава и други исламистички групи во Сирија,

Независни експерти велат дека податоците на Бортников не ја отсликуваат реалноста и таа е „многу полоша“ велат тие.

Најмалку 7.000 до 10.000 исламистички борци ја напуштиле Русија а „половината од нив стасале во Сирија“ изјави за Гласот на Америка Дени Соколов, виш научен соработник на Руската претседателска академијата за национална економија и јавна администрација.

Дагестан – центар на Исламската држава

Само од Дагестан има најмалку 5.000 странски борци, вели Ахмет Јарликапов од Руската академија на науките.

Најголема од седумте руски републики во Северен Кавказ, Дагестан е мултиетнички и претежно муслимански регион во подножјето на Кавказ, на границата со Грузија и Азербејџан. Регионот има вековна историја на вооружен отпор против руската колонизација.

Во текот на последните две децении, по втората Чеченска војна се` повеќе сунитски муслимани во Дагестан гравитираат кон конзервативните салафистички идеи и сепаратистичката борба постепено се претвори во џихад против Русија. По завршувањето на конфликтот во 2000-та година, Дагестан стана база за самопрогласениот Кавкаски Емират, џихадистичка група со активни келии во градовите и селата низ Кавказ.

Кавкаскиот Емират ја презеде одговорноста за стотици напади во Русија, вклучувајќи и десетици самоубиствени бомбашки напади во текот на доцните 1990-ти и раните 2000-ти години. Со појавата на Исламската држава повеќето од џихадистите ја напуштија Русија и заминаа на боиштата во Сирија и Ирак.

Одговорот на Кремљ на заканата

Од Рускиот национален комитет за борба против тероризмот велат дека заканата за безбедноста од борците кои се враќаат дома во Русија е непосредна и не е преценета. Русија го реформира својот кривичен закон за да овозможи гонење на поединци кои учествувале во вооружени конфликти во странство „против националните интереси на Русија“.

Сепак, многу е поверојатно поранешните борци да останат неоткриени од страна на полицијата откако ќе се вратат во Русија, велат експертите.

Листа на екстремисти

Локалната полиција во Северен Кавказ е задолжена за собирање на лични податоци за сите осомничени исламисти, кои потоа се ставаат на екстремистички листите кои ги води ФСБ. Локалните жители ги нарекуваат овие листи „вахучјот“ кратенка од зборовите „вахабисти“ и „брои“. Според главниот обвинител на Дагестан, 15.000 жители се наоѓаат на листата.

Не постојат официјални бројки за Русија. Но новинарот Максим Шевченко тврди дека вкупниот број на луѓе на листите е повеќе од 100.000.

Во Сирија, додека требало да биде во домашен притвор

Некои експерти веруваат дека Медетов бил во можност да избега од домашен притвор во Дагестан и да отиде во Сирија не поради слабата безбедност, но поради стратегијата на Кремљ за „извоз на екстремизам“.

XS
SM
MD
LG