Нивната просечна возраст е 26 години. Осумдесет и шест проценти се мажи. Повеќето од нив користат Твитер и друг вид на социјални мрежи за ширење на пропаганда. Но тоа е практично се` што може да се издвои како заедничка карактеристика на поединците кои во САД ја поддржуваат Исламската држава.
Извештајот, насловен како „ИСИС во Америка: од споделување на социјални мрежи до Рака“ е обид на програма на Универзитетот „Џорџ Вашингтон“ за правење профил на „малата но активна“ група на Американци и останати луѓе кои живеат во САД и се заведени од екстремистичката група на сунитски муслимани.
После шестмесечно истражување, авторите не можеле да имале проблем да направат типичен профил на поддржувач на Исламската држава. Дошле до сознание дека групата е „неверојатно разновидна“ и мотивирана од голем број на фактори.
„Профилите на поединците од САД инволвирани во активности на ИСИС се се разликуваат по раса, возраст, социјален статус, образование и потекло на семејствата“ се вели во извештајот подготвен од Лоренцо Видино и Симус Хјуз. „Нивната мотивација е подеднакво разновидна и не дозволува лесна анализа.“
Демографски податоци
Од март 2014-та година, 71-но лице од 21 сојузна држава во САД, се обвинети за поврзаност во активности на ИСИС. Се водат вкупно 900-тини активни истраги поврзани со симпатизери на ИД, се вели во извештајот. Некои од уапсените се на 15-годишна возраст, а други на близу 50-годишна возраст.
И покрај тоа што најголем број се мажи, авторите дознаваат дека се` повеќе жени стануваат симпатизери на групата. Од вкупно триста линкови на социјалните мрежи во САД, жените се една третина од оние што ја шират пропагандата на ИД, се вели во извештајот.
Во извештајот исто така е презентирана и комплексната мешавина од идеолошки и лични мотивации. Многумина очекувано се религиозни радикали, некои го изучувале Исламот. 40 проценти се преобразени муслимани. Има и такви коишто имаат малку врска или воопшто не се поврзани со верата и очигледно се заведени да бидат верни припадници на бруталното насилство на ИД.
Некои регрутирани станале дел од групата поради политички убедувања, културолошки разлики или поради чувство на неприфатеност во американската култура. Во други случаи, некои луѓе ѝ се придружуваат на ИД после преживеани трауми и случувања кои им го промениле животот, се додава во извештајот.
Заканите доаѓаат од различни страни
Поддржувачите на ИД во САД претставуваат закана од различен аспект, вклучително оние коишто се единствено инспирирани од групата до оние коишто имаат направено конкретни чекори за да ги поддржат.
Од есента 2015-та година, 250 Американци отпатувале или се обиделе да патуваат во Сирија или Ирак за да ѝ се придружат на ИД. Многу од нив биле директно инволвирани во заговор да извршат напади на тлото на САД. Неколку од нив, се вели во извештајот, имаат стигнато на лидерски позиции во ИД.
Во извештајот се заклучува дека повеќето од поддржувачите на ИД коишто се во САД „никогаш нема да прескокнат од зборови во акција, од борци на компјутер во борци на терен.“
„Некои од нив ќе созреат од она што е само дел од адолесцентноста. Некои пак, немаат доволно силен карактер за извршување на терористички напади. Некои се ограничени од практичните обврски на секојдневниот живот“ се вели.
Контра пораки
Радикализмот на Исламската држава е силно помогнат од социјалните мрежи, дозволувајќи да се регрутираат нови поддржувачи и потенцијално да се контактираат за да патуваат во Блискиот Исток или да извршат напади онаму каде што се, стои во извештајот.
Иако се нагласува дека нема лесно решение, авторите предлагаат сеопфатен пристап, вклучувајќи подобрување на комуникацикјата помеѓу разузнавачките служби, подобрување на тактиките на спроведување на законот, и приоритет да биде спротивставување на пораките на групата.
„За жал, ресурсите што од владата на САД се насочени за борбата против насилниот екстремизам се неадекватни за задачата на која работат“предупредува извештајот. „Интензивирање на финансиската поддршка и динамични програми е она што е потребно без одлагање.“