Линкови за пристапност

Шефицата на германската дипломатија во Скопје со повик за уставни измени


German FM in Skopje
German FM in Skopje

Поттик и повик за уставни измени - тоа беше главната точка на еднодневната мисија на шефицата на германската дипломатија.

Аналена Бербок, денеска во Скопје, во кое доаѓа првпат откако ја презеде министерската позиција, за кус период успеа да се види со сите главни политички „играчи“ во земјата и да ја пренесе пораката на Берлин – дека до крајот на годината треба да се заврши процесот на уставни измени. Ја понуди поддршката на Германија, една од клучните земји членки на ЕУ, и ги повика и граѓаните на продолжат на патот кон Унијата. Бербок е оптимист дека е можно работата да се заврши до декември.

„Знам дека договорот од минатото лето со Бугарија не беше лесен. Им се обраќам на сите граѓани кои за ова прашање се уште чувствуваат непријатност, уставот не е нешто што се менува постојано, тоа се важни чекори и затоа можам и да разберам дека се дебатира за ова прашање, особено кога станува збор за сопствениот идентитет, историја, јазик и култура. Тогаш, во општеството и во политиката станува сериозно, затоа е важно за вакви прашања да не се водат црно-бели дебати. Кога станува збор за спроведување на договореното и кога навистина мора да се промени уставот можам само да ве охрабрам – им се обраќам на сите учесници, до сите демократски партии праќам порака, искористете ги сите расположливи средства за процесот да може да продолжи во наредните месеци. Да не се случи да не успеете во овој клучен момент. Како Македонки и Македонци, вие повторно докажавте дека не може пречка да ве запре на патот кон ЕУ и затоа сум оптимист дека заедно до декември ќе успееме да го исчекориме овој пат.“, вели Аналена Бербок, министерка за надворешни работи на Германија.

Бербок со јасна порака за Уставот и патот кон ЕУ
please wait

No media source currently available

0:00 0:03:36 0:00

За да се осигури дека нејзината порака ќе ја добијат сите од кои зависи процесот, таа денеска, освен со државно-владиниот врв, се сретна и со лидерот на опозицијата чија партија не дава поддршка на уставните измени, а се во обид да го деблокира патот. Од него побара државните да бидат пред партиските интереси.

„Многу ми е важно да зборувам со сите демократски актери во земјава. Во вакви моменти кога се менува уставот, во демократиите е тешко зашто треба за секој глас да се борите и важно е да имате двотретинско мнозинство. Оттука, мора заедно, на иста маса да се седи со опозицијата. Тоа е силината на демократијата, во такви моменти да не биде пресудна партиската книшка.“, Аналена Бербок, министерка за надворешни работи на Германија.

Бербок е трета во низата врвни германски претставници кои дојдоа во земјава за помалку од една година – лани Скопје го посетија и претседателот Штајнмаер и канцеларот Шолц.

Посетата на Бербок се толкува и како уште еден сигнал дека Берлин е свесен за изложеноста на Западен Балкан на ефектите од војната во Украина, но и на обидите на Москва да влијае врз процесите важни за регионалната стабилност.

XS
SM
MD
LG