Американската администрација смета дека десетчасовната средба во Охрид меѓу Александар Вучиќ и Албин Курти резултирала со договор иако не беше ставен потпис на документот со кој се согласија двете страни.
Ваквата позиција на Стејт департментот беше изнесена на денешниот брифинг на заменикот-помошник државен секретар, Габриел Ескобар, и следи откако и Белград и Приштина излегоа со свои толкувања за охридската рунда преговори.
„Овој договор е законски обврзувачки за двете страни, од секој аспект и двете страни ќе бидат оценувани според нивните перформанси во однос на договорот. Тој договор ќе продолжи да биде основа на нашата политика за напредок и основа за европското инволвирање во регионот. Сега имаме обврски преземени од двете страни и оттука не е прашање до ставањето потпис, туку до преземањето обврска. Значи, станува збор за договор од секој аспект. Овој договор за нормализација е почетокот на помирување меѓу Србија и Косово и ќе треба уште многу работа да се заврши надвор од овој договор, имплементацијата треба веднаш да почне.“, изјави Габриел Ескобар, заменик-помошник државен секретар.
Она што е потребно, според Стејт департментот, но и според дипломатите на ЕУ кои директно го менаџираат дијалогот Белград-Приштина, е договорот за нормализација на односите меѓу двете земји да стане основа за помирување. Ескобар, денеска, како позитивен пример го наведе токму грчко-македонскиот процес кој резултираше со потпишување на Преспанскиот договор.
„Во случајот на Косово и Србија, се надеваме дека ќе се угледаат на односот меѓу Грција и Северна Македонија како на добар пример. Всушност, имаше многу симболизам што средбата се одржа во Северна Македонија, земја која има добри односи и со Србија и со Косово, што е најуспешниот модел на меѓуетничка хармонија во регионот. И оттука, имаше многу причини зошто токму Охрид беше избран и мило ми е што таму се одржа средбата и што беше успешна...“, изјави Габриел Ескобар, заменик-помошник државен секретар.
Во однос на евроинтеграциите на земјава Ескобар ја повтори позицијата на Вашингтон дека го поддржува процесот и дека се надева на, како што рече, забрзан пат кон членство во Унијата. Истовремено, тој прати и порака до Брисел.
„Она што можам да го кажам е дека целосно го поддржуваме европскиот пат на Северна Македонија. Јас целосно и силно го поддржувам процесот и сакам да видам Северна Македонија да стане членка на ЕУ што е можно побрзо. Мислам дека сите земји од Западен Балкан заслужуваат забрзан пат кон членство во ЕУ. Моја порака до ЕУ е дека Западен Балкан е реон на можност, а не реон на опасност...“, изјави Габриел Ескобар, заменик-помошник државен секретар.
Потврди дека американската администрација знае за руското присуство во регионот и за обидите, преку дезинформации, да се влијае врз српско-косовскиот дијалог и евроатлантските интеграции на Западен Балкан. „Да, има големо количество на руско малигно влијание во овој процес“, порача Ескобар.