Без нашите пријатели и сојузници ова немаше да се случи. Ова е уште еден доказ дека Северна Македонија е доверлив партнер што им помага на САД и ЕУ да постигнат регионална стабилност.
Тоа вечерва во Охрид го изјави американскиот преставник за Западен Балкан, Габриел Ескобар по завршување на дијалогот меѓу Белград и Приштина со посредство на ЕУ.
Тој ги поздрави и Белград и Приштина за, како што рече, постигнатиот тежок, но неопходен договор за воспоставување на мирољубиви и предвидливи односи меѓу двете страни.
„Тоа не само што ги отвора вратите за евроатланска интеграција на двете земји, туку ја отвора и вратата на регионот за нова ера на мир“, рече Ескобар.
По повеќе од дванаесет часа во Охрид, зад затворени врати, лидерите на Косово и Србија, Албин Курти и Александар Вучиќ, во Охрид постигнаа договор како да се имплементира договорот постигнат на 27 февруари во Брисел.
„Двете страни се согласија за анексот за имплементација на Договорот, што треба да води кон нормализација на односите помеѓу нив“, рече високиот претставник, на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика Жозеп Борел после маратонскиот дијалог во вилата „Билјана“ во Охрид.