Забрзување на реформите и уставни измени - тие пораки денеска во Скопје ги испорача европскиот двоец Борел-Вархеји кој дојде во земјава за да учествува на седницата на Советот за стабилизација и асоцијација кој првпат се одржува во Скопје.
Уверувањата од високиот претставник на ЕУ за надворешна и безбедносна политика се дека иднината на Северна Македонија е во Унијата, но и дека за тоа да се оствари, земјата и сите политички актери мора да го испорачаат тоа што е договорено.
„Нема реална основа да се верува дека е можно реотворање на договорот постигнат минатиот јули, уставни измени се неопходни“, рече Борел.
Еврокомесарот за проширување повика на единство во земјата и обединување на напорите и на владата и на парламентот.
„Јасната порака која произлезе од овој состанок на Советот за стабилизација и асоцијација е дека иднината на Северна Македонија и на нејзините граѓани е во ЕУ зашто само ако сме заедно ќе бидеме доволно силни за да се соочиме со предизвиците во овој тежок геополитички момент и опкружување. За таму да се стигне, вие треба да продолжите да се движите напред и како земја и како општество. Тоа значи продолжување на усвојувањето и имплементирањето на реформите кои значат европски стандарди и носат конкретни економски и политички бенефит за граѓаните. Напредување подразбира и подобрување на однсоите со вашите соседи, а тоа подразбира создавање на услови за усвојување на уставните измени. Оваа година е клучна. По јулскиот договор, тоа е најдобриот договор што ќе го добиете и не е реалистично да се верува дека тој може повторно да се отвори за нови преговори. Врз таа основа се темели вашата иднина во ЕУ. И сега е време сите политички партии да ја покажат својата одговорност“, рече Жозеп Борел, висок претставник на ЕУ за надворешна и безбедносна политика.
Еврокомесарот за шроширување Оливер Вархеји рече дека „ни треба национално единство за напредок кон членството. Ние, од наша страна ќе работиме на забрзување на темпото на пристапување. Ние сме спремни, но ни треба и Северна Македонија да преземе сличен чекор. За ова да се оствари неопходно е владата и парламентот да ја забрзаат работата на реформите.“