Линкови за пристапност

Американски инвестиции на македонско тло: Трговската размена со САД лани била 270 милиони долари


САД во 2022 година е на 17-то место, во вкупната трговска размена со Северна Македонија, иако во 2020 и 2021 година се рангирани на 13-то местo
САД во 2022 година е на 17-то место, во вкупната трговска размена со Северна Македонија, иако во 2020 и 2021 година се рангирани на 13-то местo

САД и Северна Македонија имаат соработка во економската сфера со голем простор натамошно да се развива. Тоа беше и пораката при неодамнешната посета на американски бизнисмени и претставници на американскиот Стејт Департмент, со разговори фокусирани на вложување во зелената енергија

Бројни американски компании последните години инвестираат во македонската економија. Само во фабриките во технолошко индустриските развојни зони низ државата, со американски капитал се вработени околу 10.000 луѓе. Тоа е половина од вкупниот број на вработени во зоните.

Трговската размена со САД лани била 270 милиони долари
please wait

No media source currently available

0:00 0:05:18 0:00

„Во моментот имаме, како наши корисници, 12 компании, кои што доаѓаат од САД и дел се од Северноамериканскиот континент, вклучително и од Канада. Вкупен обем на инвестиции, досега со она што го промовиравме како сериозни проширувања во изминатите две години, од овие компании, кои што доаѓаат од овој регион е близу 350 милиони евра. Повеќето се компании кои се активни во делот на автомобилската индустрија, но дел од компаниите полека влегуваат и во оние дејности кои се (сметаат за) дејности на 21-от век, а тоа се енергетиката и електрониката“, вели Јован Деспотовски-директор на технолошко-индустриски развојни зони-ТИРЗ.

Деспотовски вели дека тие работат на привлекување и на други американски инвестиции и оти стратешкото партнерството меѓу двете земји со ова добива на динамика и квалитет.

„Разговараме со една Американско-Тајванска компанија, односно во завршна фаза сме на тие разговори кои траат една година и повеќе. Станува збор за доста сериозна инвестиција. Компанијата е активна во делот на електрониката и станува збор за создавање повеќе илјади работни места. Самиот факт што Северна Македонија е на мапата на компании од најразвиената светска економија, доволно говори не само за квалитетот на деловната клима во државата, туку и за квалитетот на ова стратешко партнерство“, додава Деспотовски.

Дека САД е важен надворешно-трговски партнер на Северна Македонија говори и податокот дека во 2022 година вкупната трговска размена меѓу двете земји изнесувала 270 милиони долари. Иако тоа е намалување за 36 милиони во однос на 2021 година, извозот во 2022 изнесува 86 милиони долари, што е пораст од 4 милиони, споредено со истиот период од 2021 година.

„После Германија, американските компании се втори и по број на компании и по обем на инвестиции и број на вработени. Американските компании не се присутни само во Скопје, туку тие се и во источниот и во централниот и во западниот дел на државата“, вели Виктор Мизо, менаџер на германска компанија за производство на автомобилски делови.

Според податоците кои ги добивме од Министерството за економија, САД во 2022 година е на 17-то место, во вкупната трговска размена со Северна Македонија, иако во 2020 и 2021 година се рангирани на 13-то местo.

Американските електрични машини и опрема се производи кои особено се привлечни за македонските увозници, додека главни македонски извозни производи во САД се тутун, облека, железо и челик, делови и прибор за моторни возила.

Со оглед на тоа што САД, според големината на економијата и според тоа што имаат глобално распространети компании, Мизо вели дека земјата треба да се труди да привлече што е можно повеќе американски инвестиции од сите сектори.

„И она што е многу важно, целиот оној процес, кој започна пред две години, кога ланците на добавувачи, на еден или друг начин заради корона кризата беа прекинати или драстично афектирани, или она што започна пред повеќе од една година со војната во Украина, се започна процесот на инвестиции во оние пријателско настроени држави. Од таа гледна точка сметам дека ние, иако мала но отворена економија, имаме можност соодветно да се позиционираме и да привлечеме дополнителни американски компании или пак да ги стимулираме постојните компании, дополнително да реинвестираат или да ги прошират своите капацитети“, истакнува Мизо.

На нашето прашање како предлага тоа да се направи, Мизо сугерира поголема проактивност во процесот на промоција на државата со истакнување на компаративните предности во однос на државите од регионот, но и пошироко – од Централна и Источна Европа, Турција и Северна Африка.

„Активно и директно да ги контактираме сите овие компании, и да ги презентираме можностите. На еден или друг начин да покажеме што нудиме, зошто има предност да се дојде кај нас, визави другата држава“, вели Мизо.

На неодамнешна средба со премиерот Димитар Ковачевски претставници од американската бизнис заедница и од Стејт Департментот се интересирале за условите за инвестирање во државата, и тоа посебно во делот на зелената енергија.

Владата на Ковачевски го усвои и Акцискиот план од Стратешкиот дијалог со Вашингтон. Тој меѓу другото вклучува поддршка за диверзификација во енергетиката, воведување директна линија Скопје-Њујорк, како и влез во програма чија крајна цел е безвизен режим за македонските граѓани во САД. Сето тоа зборува дека односите меѓу двете земји се развиваат во насока што позитивно ќе се одрази на животот во Северна Македонија.

XS
SM
MD
LG