Погоден јужниот и источниот дел на Либан во израелски напади, велат либанските власти

  • VOA

Уништени згради во област во јужен Либан, лоцирани веднаш до израелско-либанската граница, гледано од северен Израел, 1 декември 2024 година

Либанското министерство за здравство соопшти дека во израелски напад во понеделникот загинало едно лице во јужен Либан, додека либанската војска соопшти дека во израелски напад бил ранет војник во источниот дел на земјата.

Израелската војска веднаш не ги коментираше нападите.

Нападите доаѓаат неколку дена откако Израел и Хезболах се согласија за прекин на огнот, со што беа запрени 14-месечните борби што избувнаа по нападот на сојузникот на Хезболах, Хамас врз Израел.

За време на својот напад, Хамас уби околу 1.200 луѓе, а зеде уште 250 заложници. Сè уште има околу 100 заложници кои се држат во појасот Газа, а околу една третина се верува дека се мртви.

Израелските власти во понеделникот објавија дека Омер Неутра, израелск0-американски војник за кој се претпоставува дека бил киднапиран во нападот на 7 октомври 2023 година, сега се верува дека е убиен.

Израелскиот претседател Исак Херцог во изјава рече дека срцата на земјата се со семејството на Неутра.

„Мораме да го исполниме крајниот императив: да ги вратиме Омер, и сите наши киднапирани мажи и жени - живите кај нивните семејства, а паднатите и убиените да бидат погребани“, рече Херцог.

Во својата контраофанзива во Газа, Израел уби повеќе од 44.400 Палестинци, од кои повеќе од половина се жени и деца, според Министерството за здравство на Газа, кое не наведува колку од загинатите се борци.

Израел, без да обезбеди докази, вели дека убил повеќе од 17.000 милитанти.

Висок официјален претставник за национална безбедност на САД во неделата изјави дека сега е „поверојатно“ да има прекин на огнот во Газа по примирјето постигнато во Либан.

САД и другите преговарачи „можеби имаат шанса“ да ги прекинат 14-месечните борби во Газа, изјави советникот за национална безбедност на Белата куќа Џејк Саливан за Си-Ен-Ен, но одби да даде предвидување, „бидејќи дојдовме близу претходно“.

Херцог во неделата рече: „Позади сцената се водат преговори и тоа може да се направи“.

Саливан изјави за Ен-Би-Си:

„Ние сме длабоко ангажирани со клучните играчи во регионот и има активност дури и денес. Ќе има дополнителни разговори и консултации, а нашата надеж е дека можеме да генерираме прекин на огнот и договор за заложници, но сè уште не сме таму“.

Саливан зборуваше еден ден откако Хамас објави видеоснимка од еден од заложниците, израелскиот Американец Едан Александар.

Зборувајќи под принуда, Александар го обвини израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху за нападот на Хамас врз Израел во 2023 година, велејќи: „Премиерот треба да ги штити своите војници и граѓани, а вие не` напуштивте“.

Саливан рече дека видеото е „суров потсетник на бруталноста на Хамас и на фактот дека тие држат толку многу заложници од толку многу земји“.

Саливан го нарече прекинот на огнот меѓу Израел и Хезболах, кој во голема мера се одржува стабилно, „огромен чекор напред на Блискиот Исток... можност луѓето на крајот да можат да се вратат во своите домови во Израел и во Либан“.

Тој рече дека САД, Франција и другите сојузници „ќе работат заедно со либанските вооружени сили преку механизам за да обезбедат ефикасно спроведување на прекинот на огнот. Нашата цел е да ги поминеме овие први неколку дена, критичните денови на прекин на огнот, кога е најкревко, да го преземеме целосно, а потоа на крајот да го изградиме, така што тој ќе стане траен прекин на огнот каков што е предвидено“.

САД, Катар и Египет поминаа голем дел од изминатата година обидувајќи се да посредуваат за прекин на огнот во Газа и ослободување на преостанатите заложници.

Но, разговорите се заглавени. Израел го отфрли барањето на Хамас за целосно повлекување од територијата, и бара да се избрише секоја трага од контролата на Хамас на тесната територија покрај Средоземното Море.

Некои информации се од Асошиетед прес, агенцијата Франс-прес и Ројтерс