Линкови за пристапност

Израел изврши прв воздушен напад врз Либан по прекинот на огнот, го обвини Хезболах за кршење на примирјето


Еден ден по прекинот на огнот меѓу Израел и Хезболах, двајца мажи седaт во близина на урнатините на зграда каде што нивното семејство имало продавница во јужен либански град (28 ноември 2024 г.)
Еден ден по прекинот на огнот меѓу Израел и Хезболах, двајца мажи седaт во близина на урнатините на зграда каде што нивното семејство имало продавница во јужен либански град (28 ноември 2024 г.)

Израелската војска денес соопшти дека нејзините воени авиони пукале врз јужен Либан, откако забележале активност на Хезболах во складиште за ракети, што е прв израелски воздушен напад еден ден по воспоставувањето на прекинот на огнот меѓу Израел и Хезболах.

Засега нема информации за жртви од воздушниот напад на Израел, кој дојде неколку часа откако израелската војска соопшти дека пукала врз луѓе кои се обидувале да се вратат во одредени области во јужен Либан.

Израел соопшти дека тие го прекршуваат договорот за прекин на огнот, без да наведат детали.

Либанската државна новинска агенција соопшти дека две лица се ранети.

Инцидентите предизвикаа вознемиреност во врска со договорот, постигнат со посредство на САД и Франција, кој вклучува првичен двомесечен прекин на огнот, во кој милитантите на Хезболах треба да се повлечат северно од реката Литани, а израелските сили треба да се вратат на нивна страна на границата.

Тампон зоната ќе ја патролираат либански трупи и мировници на ОН.

Денес, на вториот ден од прекинот на огнот по повеќе од една година крвав конфликт меѓу Израел и Хезболах, либанската државна новинска агенција објави дека израелскиот оган цели на цивили во Маркаба, блиску до границата, без да даде дополнителни детали.

Израел соопшти дека истрелал артилерија на три други локации во близина на границата. Засега нема информации за жртви.

Новинар на Асошиетед прес во северен Израел во близина на границата слушнал израелски беспилотни летала и звук на артилериски напади од либанска страна.

Во соопштението на израелската војска се вели дека „идентификувани се неколку осомничени кои пристигнуваат со возила во голем број области во јужен Либан, прекршувајќи ги условите на прекинот на огнот“.

Израелските власти рекоа дека силите ќе се повлекуваат постепено, како што тоа гарантира дека договорот се спроведува. Израел ги предупреди луѓето да не се враќаат во областите каде што се распоредени војници и вели дека го задржува правото да го нападне Хезболах доколку ги прекрши условите на примирјето.

Либански воен претставник изјави дека либанските трупи постепено ќе се распоредуваат на југ како што се повлекуваат израелските трупи.

Функционерот зборуваше под услов да остане анонимен, бидејќи н не беше овластен да ги брифира медиумите.

Договорот за прекин на огнот објавен доцна во вторникот стави крај на 14-месечниот конфликт меѓу Израел и Хезболах, кој започна еден ден по нападот на Хамас на 7 октомври 2023 година од Газа, кога либанската милитантна група почна да истрелува ракети, беспилотни летала и проектили во знак на солидарност.

Израел возврати со воздушни напади, а конфликтот постојано се интензивираше речиси една година пред да прерасне во сеопфатна војна во средината на септември.

Војната во Газа сè уште беснее и не се гледа крајот. Повеќе од 3.760 луѓе беа убиени од израелски напади во Либан за време на конфликтот, од кои многумина цивили, според либанските здравствени власти.

Во борбите загинаа повеќе од 70 луѓе во Израел - повеќе од половина од нив цивили - како и десетици израелски војници кои се борат во јужен Либан.

Околу 1,2 милиони луѓе беа раселени во Либан, а илјадници почнаа да се враќаат во своите домови во средата и покрај предупредувањата од либанската војска и израелската армија да останат надвор од одредени области.

Околу 50.000 луѓе беа раселени на израелската страна, но малкумина се вратија, а заедниците во близина на северната граница сè уште се главно напуштени.

Во израелска заедница на границата со поглед кон Либан, околу три четвртини од домовите се оштетени, некои со урнати покриви и изгорена внатрешност.

Неколку жители можеа да се видат како ги собираат своите работи денес пред повторно да заминат.

XS
SM
MD
LG