Линкови за пристапност

ЕУ ги повика Израел и Хезболах да го прекинат огнот: „Нема повеќе изговори“


Луѓето ја проверуваат штети по израелски воздушен напад во текот на ноќта, чија цел беше населбата Шајах во јужните предградија на Бејрут на 26 ноември 2024 година, во услови на тековната војна меѓу Израел и Хезболах.
Луѓето ја проверуваат штети по израелски воздушен напад во текот на ноќта, чија цел беше населбата Шајах во јужните предградија на Бејрут на 26 ноември 2024 година, во услови на тековната војна меѓу Израел и Хезболах.

Постигнат е „значаен напредок“ кон договор, велат САД

Шефот за надворешна политика на Европската унија Жозеп Борел денеска го повика Израел да се согласи на прекин на огнот со милитантната група Хезболах со седиште во Либан, велејќи дека „нема повеќе изговори“.

Зборувајќи со новинарите пред состанокот на министрите за надворешни работи на Г-7 во Италија, Борел рече дека прекинот на огнот е „апсолутно неопходен“ за цивилите раселени поради неколкумесечните засилени борби долж границата меѓу Израел и Либан.

Тој изрази надеж дека владата на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху ќе го одобри предлогот за прекин на огнот „денеска“ без да бара да додаде дополнителни одредби кои би можеле да го одложат или попречат договорот.

„Нема повеќе изговори. Нема повеќе дополнителни барања. Престанете со оваа борба. Престанете да убивате луѓе. Да почнеме да размислуваме за мир“, рече Борел.

Американските власти вчера изразија надеж дека договорот за прекин на огнот меѓу Израел и Хезболах е блиску.

Говорејќи со новинарите, портпаролот за национална безбедност Џон Кирби ги опиша неодамнешните разговори во Бејрут предводени од американскиот пратеник Амос Хохштајн како „конструктивни“, додавајќи: „Веруваме дека траекторијата на ова оди во многу позитивна насока“.

Вчера во Њујорк, израелскиот амбасадор во Обединетите нации, Дени Данон, рече дека преговорите за прекин на огнот, чија цел е да се стави крај на борбите меѓу Израел и Хезболах, либанска шиитска милиција поддржана од Иран, „се движат напред“, но не се „ финализиран“.

Тој додаде дека Израел ќе ја задржи способноста да го нападне јужниот дел на Либан според секој договор.

„Ќе се погрижиме да имаме способност да ја неутрализираме секоја закана со која нема да се справиме во јужен Либан. Се надевам дека либанската армија ќе се погрижи за тоа во иднина, но ако не успеат, повторно ќе бидеме таму“, рече Данон.

Комитетот од пет нации, со кој претседаваат САД, вклучувајќи ја и Франција, ќе го надгледува процесот, според Бу Сааб.

Во Стејт департментот, официјални лица одбија да ги коментираат деталите и условите од предлогот за прекин на огнот, но признаа дека е постигнат „значаен напредок“ кон договор.

„Не веруваме дека сè уште имаме договор. Веруваме дека сме блиску до договор. Сметаме дека значително ја намаливме разликата. Но, сè уште има чекори кои треба да се преземат“, рече портпаролот Метју Милер за време на вчерашниот брифинг, без да прецизира кои се тие чекори.

Хезболах почна да пука врз Израел пред повеќе од една година како поддршка на милитантите на Хамас, кои го нападнаа Израел во октомври 2023 година и оттогаш војуваат со Израел во Газа.

Борбите предизвикаа хуманитарна криза, раселени стотици илјади.

Вчера Светската програма за храна на Обединетите нации објави дека обезбедила итна помош за повеќе од половина милион луѓе во Либан од почетокот на конфликтот. Велат дека планот им е да достигнат еден милион луѓе и продолжуваат неуморно да работат за да испорача критична помош до погодените заедници.

Милитантите на Хамас убиле 1 200 луѓе и заробиле околу 250 заложници во нивниот напад на Израел на 7 октомври 2023 година, што ја предизвика актуелната војна во Газа. Израел вели дека верува оти Хамас сè уште држи 101 заложник, вклучително и 35 за кои војската вели дека се мртви.

Во израелската контраофанзива во Газа загинаа најмалку 44 235 Палестинци, според Министерството за здравство на територијата, кое не прави разлика меѓу борци и цивили во своите податоци.

Хамас и Хезболах се означени како терористички групи од САД, Велика Британија и други западни земји.

Шефицата на бирото на Стејт департментот на Гласот на Америка, Најки Чинг и дописничката од Обединетите нации, Маргарет Бешеер, дадоа свој придонес во овој извештај. Дел од информациите се од Асошиетед прес, агенцијата Франс – прес и Ројтерс.

XS
SM
MD
LG