Кина понуди да биде посредник во наоѓање решение за војната во Украина

Mинистерството за надворешни работи на Кина рече дека ќе испрати специјален претставник во Украина за да спроведе длабинска комуникација за политичко решавање на кризата

Во услови на руско гранатирање во источна Украина, Кина најави дека сака да биде посредник во руската војна против Украина.

„Кинеската страна ќе испрати специјален претставник за евроазиски прашања на кинеската влада да ја посети Украина и другите земји за да спроведе длабинска комуникација со сите страни за политичко решавање на украинската криза“ соопшти Министерството за надворешни работи на Кина.

Кина привлече внимание кон својата дипломатска иницијатива за Украина, велејќи дека кинескиот лидер Шји Џјинпинг разговарал со украинскиот претседател Володимир Зеленски.

Зеленски, пак, бараше да разговара со Шји и на Твитер го поздрави разговорот.

Во Вашингтон, портпаролот на Советот за национална безбедност на Белата куќа Џон Кирби, ја поздрави веста за разговорот на лидерите, велејќи:

„Важно е претседателот Шји и претставниците на Народна Република Кина да ја искористат украинската перспектива за оваа незаконска и неиспровоцирана инвазија од Русија“.

Портпаролката на руското Министерство за надворешни работи Марија Захарова, рече дека Москва гледа „широка согласност“ со пристапот на Кина, но дека главната пречка се, како што ги нарече таа, „нереални барања“ на Киев.

Шји ја посети Москва во март. Пекинг одби да ја осуди руската инвазија на Украина или да побара повлекување на нејзините трупи и наместо тоа повика на воздржаност од сите страни, обвинувајќи го НАТО дека ги поттикнува борбите.

Ова ги остава повеќето експерти за надворешна политика скептични дека Кина може да игра миротворец.

Зеленски рече дека имал „долг и значаен“ телефонски разговор со кинескиот лидер Шји Џјинпинг.

Зеленски, во коментар на Твитер, не даде детали за неговиот разговор со Шји, но рече: „Верувам дека овој повик, како и назначувањето на амбасадорот на Украина во Кина, ќе дадат моќен поттик за развојот на нашите билатерални односи“.

Кинеските државни медиуми објавија дека Шји апелирал до Зеленски за преговори меѓу Русија и Украина, предупредувајќи дека „нема победник во нуклеарна војна“.