Линкови за пристапност

Зеленски рече дека имал „долг и значаен“ телефонски разговор со кинескиот лидер Шји Џјинпинг


Украинскиот претседател Володимир Зеленски денес изјави дека имал „долг и значаен“ телефонски разговор со кинескиот лидер Шји Џјинпинг, при што двајцата лидери се согласиле да испратат пратеници во Пекинг и Киев како можен прв чекор за посредување мировни преговори и ставање крај на руската војна против Украина.

Зеленски, во коментар на Твитер, не даде детали за неговиот разговор со Шји, но рече: „Верувам дека овој повик, како и назначувањето на амбасадорот на Украина во Кина, ќе дадат моќен поттик за развојот на нашите билатерални односи“.

Кинеските државни медиуми објавија дека Шји апелирал до Зеленски за преговори меѓу Русија и Украина, предупредувајќи дека „нема победник во нуклеарна војна“. Државната телевизија соопшти дека владата на Шји ќе испрати специјален претставник во Украина на разговори за можно политичко решение.

„Преговорите се единствениот остварлив излез“, рече државната телевизија во извештајот за коментарите на Шји за Зеленски. „Сите засегнати страни треба да останат смирени и воздржани во справувањето со нуклеарното прашање и вистински да гледаат на иднината и судбината на човештвото како целина и да работат заедно на управување на кризата.

Кина се обиде да биде неутрална околу руската инвазија, во февруари предлагајќи прекин на огнот и мировни преговори. Но, Пекинг, исто така, одби да ја осуди руската инвазија или да ја повика Москва да ги повлече своите трупи од Украина, вклучувајќи го и Крим, кој Русија незаконски го анектираше во 2014 година.

Зеленски постојано изјавува дека неговата влада нема да се вклучи во мировни преговори додека Москва не ги повлече своите трупи од цела Украина.

Кинеските државни медиуми го цитираа Шји кој му рекол на Зеленски: „Во услови на сегашниот пораст на разумно размислување, треба да ја искористиме можноста да изградиме поволни услови за политичко решавање на кризата“.

Минатиот месец, Шји беше во тридневна државна посета на Москва, истакнувајќи ја кандидатурата на Пекинг за глобално лидерство. На крајот од разговорите, Шји и рускиот претседател Владимир Путин изјавија дека нивните две земји имаат „пријателство без граници“. По средбата, Путин во Кремљ се состана и со кинески претставници на одбраната.

Некои материјали во овој извештај се од Асошиетед прес, Франс прес и Ројтерс.

XS
SM
MD
LG