Белата куќа кажа дека подготвува нов предлог за ослободување на Гершкович и Вилан

Минатата недела рускиот претседател Владимир Путин рече дека Москва сака „да постигне договор“ со Вашингтон за ослободување на Гершкович и Вилан

Белата куќа соопшти дека подготвува нов предлог до Русија за да обезбеди ослободување на новинарот на „Вол Стрит Џурнал“ Иван Гершкович и на уште еден затворен Американец.

„Работиме напорно за да видиме што можеме да направиме за да добиеме уште еден предлог кој би можел да биде поуспешен“, изјави за новинарите портпаролот на Советот за национална безбедност Џон Кирби.

Кремљ го отфрли претходниот предлог.

Гершкович е затворен од март под обвинение за шпионажа што неговиот работодавец и американската влада жестоко ги негираат.

Затворот на Гершкович ја нагласува повеќегодишната операција на Москва врз слободата на печатот, велат експертите.

Другиот Американец е Пол Вилан, поранешен американски маринец кој беше уапсен во Москва во 2018 година и моментално отслужува 16-годишна затворска казна поради обвиненијата за шпионирање што тој и американската влада ги негираат.

„Секогаш сме охрабрени кога гледаме знаци дека владата работи на ослободување на Иван и Пол. Многу се надеваме дека тие напори ќе вродат со плод наскоро“, изјави Пол Бекет, помошник уредник во „Џурнал“ за Гласот на Америка.

Бекет ја води кампањата на весникот за ослободување на Гершкович.

Веста од Белата куќа дојде еден ден откако државниот секретар Ентони Блинкен рече дека Вашингтон „многу активно работи“ на ослободување на Гершкович и Вилан.

Стејт департментот претходно овој месец соопшти дека Русија го одбила „суштинскиот“ предлог за ослободување на Гершкович и Вилан.

Минатата недела рускиот претседател Владимир Путин рече дека Москва сака „да постигне договор“ со Вашингтон за ослободување на Гершкович и Вилан.

Некои информации во текстот се преземени од агенцијата Франс-прес