Американскиот државен секретар Антони Блинкен рече дека разговарал за реформската агенда на Узбекистан со претседателот на земјата Шавкат Мирзијоев за време на состанокот зад затворени врати во Ташкент.
По Узбекистан, Блинкен патува за Индија на состанок на министрите за надворешни работи на Г-20.
Првиот американски дипломат рече дека нема план да се сретне одделно на маргините со рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров или кинескиот министер за надворешни работи Чин Ганг, коишто, исто така присуствуваат на состанокот.
Зборувајќи пред новинарите во Ташкент, Блинкен рече дека ја истакнал важноста на медиумските слободи и просторот за граѓанското општество.
Тој укажа на напорите за ослободување на памучната индустрија во Узбекистан од принудна работа, истакнувајќи дека тоа е ѝ големо достигнување и пример за другите во регионот.
„Ги поздравивме реформските чекори што беа преземени. Ја забележав и важноста, не само да се има силна визија, туку и целосно да се имплементира. И, се разбира, тоа останува важна работа“, рече Блинкен за време на прес-конференцијата на прашањето дали го советувал Мирзијоев да не се обидува да го промени Уставот за да го продолжи мандатот.
Претседателот Мирзијоев оваа година планира организирање референдум за промена на Уставот што ќе му овозможи повторно да се кандидира по два мандати.
Вистинскиот избор на политички алтернативи не беше достапен за гласачите бидејќи вистинските опозициски кандидати не беа во можност да се регистрираат или да се кандидираат за функцијата, според извештаите за човекови права на Стејт департментот.
Блинкен рече дека е важно темелно да се истражат наводите за кршење на човековите права од страна на узбекистанските органи за спроведување на законот за време на немирите во јули. Дваесет и едно лице загина во нередите поради плановите за намалување на автономијата на регионот Каракалпакстан, во Узбекистан.
По насилството, Мирзијоев брзо ги укина предложените амандмани на Уставот, кои во моментов го опишуваат Каракалпакстан како суверена република со право на отцепување преку референдум.
Блинкен беше во Узбекистан еден ден по состанокот со неговите колеги од пет земји од Централна Азија, обид за продлабочување на соработката за регионална интеграција.
Тој рече дека разговарале и за опасностите од руската инвазија на Украина, за која рече, дека „поттикна длабока загриженост во целиот регион“.
„На крајот на краиштата, ако една моќна земја е подготвена да се обиде да ги избрише границите на суверениот сосед со сила, што ќе ја спречи, да го прави истото и со другите“, рече Блинкен, според Асошиејтед прес.
Американскиот државен секретар патува во Њу Делхи за да се сретне со индиските владини претставници и состанокот на министрите за надворешни работи на земјите од Г-20.
Руски санкции
Блинкен за време на посетата во Казахстан рече дека САД посветуваат внимание на тоа како санкциите усвоени како одговор на руската инвазија на Украина влијаат врз другите земји во регионот.
„Многу внимателно го следиме почитувањето на санкциите и водиме тековна дискусија со голем број земји, вклучително и нашите партнери за ефектите од економското прелевање“, рече Блинкен за време на прес-конференцијата по состанокот со претставници на петте Централно-азиски држави.