Линкови за пристапност

Убедена сум дека скоро ќе ја имаме седмата донација за Украина, рече министерката Петровска


Министерката за одбрана беше во посета на Украина, по која за Гласот на Америка сподели за тамошните средби и најавите за нова помош од Северна Македонија.

Глас на Америка: Која беше целта на посетата на Украина и кои места ги посетивте?

Петровска: Официјалната средба со министерот за одбрана на Украина се одржа во Киев, но моето присуство таму го искористив да ги посетам и дел од општините таму, кои на почетокот од оваа инвазија биле први на удар. Тоа се Ирпин и Буча. Целта на мојата посета беше да ја пренесеме и поддршката која изминатата година Владата на Република Северна Македонија во целост ја дава на Украина во секаква смисла на зборот -и политичка поддршка, но и хуманитарна и воена. Заради тоа што и тогаш, и една година подоцна, сме силно убедени дека Украина, како независна и самостојна држава, има право да ја брани сопствената територија од оваа неоправдана и со ништо неиспровоцирана руска агресија.

Глас на Америка: Како гледате на состојбата во Украина една година по руската инвазија?

Петровска: Пределите кои што јас ги посетив во овој момент не се под каква било воена агресија, меѓутоа последиците кои се таму останати се видливи и можам да кажам дека од таму се враќам со поделени чувства. Од една страна сликите кои ги видов и на лице место, но и оние фотографии кои сведочат за ужасот и теророт, кој се случува особено во Буча и Ирпин не оставаат никого рамнодушен, а не сум ни јас рамнодушна. Чувствувам ужаснатост, бес но и голема тага за тоа низ што се` поминал украинскиот народ. Но, од разговорот со сите нив, и со дел од граѓаните кои имав прилика да ги сретнам додека престојував таму, но и властите во општините, убедена сум дека Украина ќе ја извојува победата, затоа што во нив постои таа жар и енергија, но пред се љубовта кон сопствената татковина и кон она што се нарекува одбрана на својата територија. Она што го прават изминатиот период, постои огромна сплотеност внатре во општеството, на различни нивоа, не само институциите и многу поширока. И поддршката која ја добиваат од партенерите, како Република Северна Македонија, но и многу други европски но и вон европски земји е многу голема. Тоа ме охрабрува да бидам убедена дека Украина навистина на крајот ќе ја извојува победата. Фактот дека после една година од почетокот на оваа неоправдана агресија врз Украина, се` уште Украинците даваат отпор и се борат за своите права покажува дека биле многу погрешни проценките дека таа војна ќе заврши, како што некои велеа за 72 часа или како што беа плановите на Путин, дека за неколку дена ќе ја покори Украина. Отпорот, пркосот, херојството, храброста, кои ги покажува украинскиот народ, зборува дека сето тоа било погрешно и дека тие се одлучни да опстојат и да ја заштитат сопствената држава.

Петровска: Убедена сум дека Украина ќе победи
please wait

No media source currently available

0:00 0:05:03 0:00

Глас на Америка: Што договоривте со украинските власти? Дали можеби дополнителна помош од Северна Македонија?

Петровска: Разговаравме за тоа што е приоритет, и што е на нивната листа на приоритети во делот на воена опрема и вооружување. По моето враќање овде, како што налагаат правилата, ќе направам консултации и тие се веќе во тек со Генералштабот на Армијата. Доколку она што ние го поседуваме и не е дел од формацијата на Армијата, односно потребите на Армијата, се разбира дека како и во претходните случаи, нема да имаме воопшто сомнеж дека ќе биде донирано. Сега за сега се прават консултациите во рамки на Генералштабот и штом го добијам нивното мислење, ќе ја известам Владата и убедена сум дека многу скоро ќе ја имаме седмата донација кон Украина, исклучиво во воена помош и подршка.

Глас на Америка: Кои беа пораките кои што ги упативте таму?

Петровска: Дека подршката на Северна Македонија ќе продолжи и во иднина, дека апсолутно Украина и украинскиот народ имаат право на она што го прават, односно ја бранат сопствената територија. Украина е независна, суверена држава и со ниту една своја активност не направила било што да биде испровоцирана оваа агресија. Никому не наштетила и она што е најважно дека доказите од воените злосторства, кои биле извршени таму и за жал се уште се` случуваат во некои делови, не смеат и нема да бидат игнорирани и тие мора да бидат изнесени пред судот на правдата.

XS
SM
MD
LG