Американскиот државен секретар Антони Блинкен рече дека администрацијата на Бајден ја поддржува продажбата на борбени авиони Ф-16 на Турција и изрази уверување дека и Шведска и Финска наскоро ќе се приклучат на НАТО алијансата, бидејќи тој во понеделникот ја посети Анкара каде имаше разговори со турските лидери.
Конгресот на САД мора да ја одобри продажбата на Ф-16 вредна 20 милијарди долари, која вклучува барање од страна на Турција за 40 авиони и речиси 80 комплети за модернизација.
Блинкен за време на заедничката прес-конференција со турскиот министер за надворешни работи Мевлут Чавушоглу рече дека не може да обезбеди временска рамка за формално известување на Конгресот за предложената продажба, но дека активно ја соопштувал поддршката на администрацијата на Бајден за договорот.
„Ова е многу важно за тековната интероперабилност на НАТО и за националната безбедност на Соединетите држави“, рече Блинкен.
Чавушоглу рече дека прашањето за Ф-16 не треба да се поврзува со ратификувањето на Турција на Шведска и приклучувањето на Финска во НАТО. Турција и Унгарија остануваат единствените членки на НАТО кои не одобрија Шведска и Финска да се приклучат на алијансата во процес кој мора да биде едногласен.
Блинкен рече дека САД го поддржуваат приемот на Шведска и Финска „што е можно поскоро“.
Тој рече дека е „уверен дека НАТО формално ќе ги пречека наскоро, а кога тоа ќе се случи, ќе ја зајакне безбедноста на секоја членка на НАТО, вклучително и на Соединетите држави, но вклучително и на Турција“.
Турција изрази загриженост за безбедноста во врска со Шведска, велејќи дека таа е премногу попустлива кон групите кои Турција ги смета за терористички организации.
Чавушоглу рече дека сите страни треба да ја убедат Шведска да одговори на тие грижи и дека Турција гледа дека финансирањето, регрутирањето и пропагандата на тероризмот продолжуваат во Шведска.
Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг минатата недела за време на неговата посета на Турција рече дека „сега е време“ Турција да ги ратификува двете земји како нови членки на НАТО.
Блинкен, исто така, во понеделникот се состана со турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган на седница која беше затворена за печатот.
Портпаролот на Стејт департментот Нед Прајс во изјавата рече дека Блинкен и Ердоган разговарале за поддршката за Украина и за посветеноста на САД да и помогнат на Турција во нејзините напори за обновување од земјотресот.
Блинкен вчера објави ветување од 100 милиони долари дополнителна американска помош за Турција и Сирија по земјотресот на 6 февруари во кој загинаа повеќе од 44.000 луѓе.
Блинкен денес патува за Грција, каде Стејт департментот рече дека со тамошните лидери ќе „разговара за соработката во одбраната и енергетската безбедност“.
Некои информации за овој извештај се од Асошиетед прес, агенција Франс прес и Ројтерс