На распит во Хелсиншката комисија на САД во Конгресот за претседавањето на Северна Македонија со ОБСЕ во време на војна во Европа, шефот на македонската дипломатија Бујар Османи, кој беше во посета на ОН во Њујорк, но и на Вашингтон, рече декаж руската агресија во Украина мора да запре, и го раскажа своето искуство од воените злодела на руските војници врз цивили за време на неговата посета на Украина, во својство на претседавач со ОБСЕ.
За Молдавија, која, беше негова последна дестинација како претседавач со ОБСЕ, рече дека главна цел била да се поттикне процесот на посуштински преговори помеѓу Владата на Молдавија и авторитетите на Транснистрија за реализирање на договорената рамка од 8 области, но ѝ да се даде целосна поддршка на работата на Мисијата на ОБСЕ во Молдавија која има клучна улога во одржувањето на политичкиот дијалог воден од страна на ОБСЕ во формат 5+2, како и за проектите кои се доменот на интеграцијата на државата и социо- економското заздравување на Молдавија.
Северна Македонија го презеде раководството на најголемата светска регионална безбедносна организација - Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ) - една година по бруталната, целосна инвазија на Путин на Украина.
Голем дел од фокусот на ОБСЕ во текот на изминатата година се вртеше околу одговорите на војната, вклучително и користењето на организацијата за да се осуди руската агресија и да се повика владата на Руската Федерација на одговорност, да започне меѓународни истраги за руските воени злосторства и да се воспостави мисија на ОБСЕ на теренот во Украина.
ОБСЕ, според Османи, остана во првите редови и покрај руските напори да го блокира консензусот и да ја поткопа организацијата, нејзината работа и мисија.
Други предизвици во регионот, според Османи, вклучуваат прелевање на ефектите од војната на Путин во Украина, продолжување на конфликтот во Нагорно-Карабах и назадување во некои земји во однос на почитувањето на човековите права, демократијата и владеењето на правото.
Според македонскиот министер за надворешни работи, борбата со трговијата со луѓе доби нова итност, бидејќи милиони ранливи категории на жени и деца, ја напуштија Украина.
Нападите врз независните медиуми продолжуваат во некои земји-членки на ОБСЕ, вклучувајќи ги Русија, Белорусија, и неодамна Киргистан.
На сослушувањето во Вашингтон, министерот за надворешни работи на Северна Македонија и актуелен претседавач со ОБСЕ Бујар Османи, се осврнa на приоритетите на Програмата на македонското претседателство во 2023 година, меѓу кои најголем фокус беше ставен на луѓето на терен во загрозените подрачја, како Украина, Молдавија, Југоисточна Европа, но исто така и на останатите приоритети како борбата против корупцијата, еколошките предизвици, промовирање на човековите права и основните слободи.
Хелсиншката комисија, инаку, е американска владина комисија која ги промовира човековите права, воената безбедност и економската соработка во 57 земји во Европа, Евроазија и Северна Америка.