Со ракетите ги убивате украинските цивили, но во исто време ги убивате и вашите идни генерации, беше порачано меѓу другото на денешниот протест што се одржа пред руската амбасада во Скопје.
На протестниот собир, кој беше во организација на украинското здружение „Лесја Украинка“, се собраа стотина граѓани, претежно украински државјани, кои со себе носеа транспаренти насочени против постапките на властите во Москва. Воедно беа извикувани и пароли против рускиот претседател Владимир Путин.
Your browser doesn’t support HTML5
„Овие ракети, кои денес ги убиваат невооружените Украинци, исто така ги убиваат и вашите идни генерации, ја носите во пропаст сопствената земја“, истакна Тамила Вековска од здружението „Лесја Украинка“.
Таа воедно испрати и благодарност до македонските власти за воената поддршка за Украина.
Исто така, се обраќаме до властите, да ја прогласат Русија за терористичка земја, како што тоа веќе го направија неколку земји во светот
„Исто така, се обраќаме до властите, да ја прогласат Русија за терористичка земја, како што тоа веќе го направија неколку земји во светот“, додаде Велковска.
На присутните им се обрати и Олександр Урбанович, претседател на Здружението.
„Сакате да нè уплашите. Нема. Ќе станеме посилни, ќе се зачеличиме. Вие, за цел живот ќе останете како ‘Терорусија’. Засрамете се“, рече Урбанович.
Протестот пред амбасадата во Скопје се организира откако утринава Русија изврши интензивни ракетирања врз Киев и врз повеќе други украински градови, при што се погодени повеќе цивилни цели.
Киевската полиција соопшти дека повеќето од нападите го погодиле центарот на градот, при што загинале најмалку пет лица, а 12 други се ранети.
Експлозии беа пријавени и во повеќе други области, вклучувајќи го и Лавов, Днипро и Харков. Украинската војска соопшти дека соборила 41 од руските проектили.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека Русија цели на цивилни области, како и електроенергетски системи низ целата земја, сакајќи да создаде „паника и хаос“ и уништување на енергетскиот систем на Украина.
Руските напади утринава се случија еден ден откако претседателот Владимир Путин ја обвини Украина за нападот на мостот што ги поврзува Русија и Крим.