Смртоносни руски ракетни напади во понеделникот го погодија главниот град на Украина, дел од налетот на, како што рече украинската војска, лансирани 75 проектили врз Украина.
Киевската полиција соопшти дека повеќето од нападите го погодиле центарот на градот, при што загинале најмалку пет лица, а 12 други се ранети.
Експлозии беа пријавени и во повеќе други области, вклучувајќи го и Лавов, Днипро и Харков. Украинската војска соопшти дека соборила 41 од руските проектили.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека Русија цели на цивилни области, како и електроенергетски системи низ целата земја, сакајќи да создаде „паника и хаос“ и уништување на енергетскиот систем на Украина.
Зеленски рече дека ќе се обрати на итен состанок на Г-7 групата и ќе разговара за ситуацијата и со германскиот канцелар Олаф Шолц како и францускиот претседател Емануел Макрон.
„Разговаравме за зајакнувањето на нашата противвоздушна одбрана, потребата од остра европска и меѓународна реакција, како и зголемен притисок врз Руската Федерација“, напиша Зеленски на Твитер по разговорот со Макрон.
Шефот за надворешна политика на Европската унија, Жозеп Борел, изјави дека е „длабоко шокиран“ од рускиот напад врз Киев и другите градови.
„Ваквите дела немаат место во 21 век“, напиша Борел на Твитер. „Ние стоиме со Украина. Дополнителна воена поддршка од ЕУ е на пат“, додаде тој.
Киев последен пат беше нападнат во јуни. Киев беше релативно мирен бидејќи борбите беа фокусирани во источна и јужна Украина.
„Гранатирањето на украинските градови е воено злосторство од големи размери и војна без правила“, напиша на Твитер Михаило Подољак, советник на Зеленски. Тој рече дека единствениот можен одговор е Украина да добие ракетни одбранбени системи, протерување на Русија од меѓународните форуми и издавање итни налози за апсење на руските власти.
Украинскиот министер за надворешни работи, Дмитриј Кулеба, рече дека ја прекинува турнејата низ Африка и веднаш се враќа во Украина, а истовремено ќе се координира со украинските партнери за „одлучен одговор на руските напади“.
„Единствената тактика на Путин е терор врз мирните украински градови, но тој нема да ја сруши Украина“, напиша Кулеба на Твитер. „Путин е терорист кој зборува со проектили“, додаде тој.
Руските напади во понеделникот се случија еден ден откако претседателот Владимир Путин ја обвини Украина за нападот на мостот што ги поврзува Русија и Крим.
Путин рече дека нападот е „терористички чин“ насочен кон руската инфраструктура. Русија го анектираше Крим во 2014 година во потег што не беше признат од меѓународната заедница.
Нападот во саботата предизвика делумно уривање на мостот Керч, кој беше главна рута за снабдување со муниција и војници за руските напади во јужна Украина.
Некои информации се од Асошиетед прес, агенцијата Франс прес и Ројтерс.