Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, со видео-порака, им се обрати на пратениците на владејачкиот СДСМ – од нив бара да не гласаат „за“ предлог-преговарачката рамка, документ дел од францускиот предлог, која веќе е примена во Собранието и се чека да биде ставена на дневен ред на пленарна седница „Не подлегнувајте на притисоци“, им вели Мицкоски на социјалдемократите и за возврат нуди повлекување на барањето за предвремени избори.
Your browser doesn’t support HTML5
„Пратеници од СДСМ, Вие отфрлете ја информацијата на Владата, а јас ви ветувам дека нема да барам избори и ќе поддржам опстојување на оваа влада, па макар било тоа и малцинска, само Македонија да не биде уценетата и понижена и да не се прифати она што сега ни се нуди. Мојата понуда е чесна и искрена и таа е водена исклучиво од интересите на народот и иднината на нашата Македонија. Пратеници од владејачките партии, Ве повикувам да застанете со нас, со народот на Македонија на вистинската страна од историјата.“, изјави лидерот на ВМРО- ДПМНЕ Христијан Мицкоски.
Повикот на Мицкоски доаѓа по синоќешната седница на Централниот одбор на СДСМ на која беше донесена едногласна одлука со „која се поддржува процесот за почнување преговори со ЕУ“.
„Јас сметам дека Мицкоски треба да повика дел од пратениците на ВМРО-ДПМНЕ да престанат да прават блокади и опструкции и да не одработуваат за туѓи центри и држави кои не и мислат добро на оваа држава. Да дојдат на пленарната седница и да дискутираме и да ги соочиме аргументите и на крајот да донесеме заклучоци, со кои ќе ја обврземе Владата, оваа и секоја наредна, во делот на спроведување на процесот да се зачува чистиот македонски јазик, македонскиот идентитет и посебноста со сите историски, образовни и културни карактеристики и истите да не бидат дел од преговарачката рамка како што е сега“, оцени Дарко Каевски од СДСМ.
Позицијата на дел од помалите партии е дека треба да се има консензус во Собранието при усвојувањето на заклучоците – Демократскиот сојуз изготви предлог-заклучоци во кои, како што велат, се заштитени националните интереси.
„Ставот на Демократскиот сојуз околу ова стратешко прашање е дека треба да се обезбеди поширок консензус. Во таа насока Парламентот треба да донесе заклучоци прифатливи за мнозинството пратеници, односно за сите важни политички партии застапени во Парламентот, вклучително и опозицијата.“, истакна Павле Трајанов од Демократскиот сојуз.
За натамошниот тек на ЕУ-процесот денеска телефонски разговарале македонскиот и чешкиот министер за надворешни работи. Чешка, која од Франција го презеде претседавањето со Унијата, го поддржува забрзувањето на проширувањето кон Западен Балкан со што ќе се овозможи просперитет и отпорност на регионот кон надворешни влијанија.
Истовремено, шефот на чешката дипломатија, Јан Липавски, му пренел на Бујар Османи дека се подготвени за брзо организирање на првата Меѓувладина конференција, откако Северна Македонија ќе го одобри европскиот предлог.