Линкови за пристапност

Шолц до македонските граѓани: Македонки и Македонци, ве сакаме во ЕУ


Дури и по прифаќањето на овој  компромис, процесот за влез во ЕУ нема да биде лесен, вели Олаф Шолц во писмото до македонските граѓани
Дури и по прифаќањето на овој  компромис, процесот за влез во ЕУ нема да биде лесен, вели Олаф Шолц во писмото до македонските граѓани

Европската Унија се состои од компромиси, ден за ден. Но, јас сум цврсто убеден дека дури и тешки компромиси на крајот секогаш нè носат напред и нè прават посилни, стои во обраќањето од германскиот канцелар

Ние ве сакаме вас, драги Македонки и Македонци, зачленети во една унија во која се чуваат и се негуваат Вашите и нашите културни особености, нашите различни јазици и нашите идентитети. Тоа нè прави заедно силни.

Ова е дел од отвореното писмо што германскиот канцелар Олаф Шолц го испрати до македонските граѓани. Во писмото тој посочува дека концептот на ЕУ е правење компромиси.

„Сите знаеме дека компромисите понекогаш значат болни отстапки. Европската Унија се состои од компромиси, ден за ден. Но, јас сум цврсто убеден дека дури и тешки компромиси на крајот секогаш нè носат напред и нè прават посилни“, се вели во писмото од Шолц.

Тој воедно го објаснува значењето на, како што вели, прифаќањето на европскиот компромис.

Дури и по прифаќањето на овој  компромис, процесот за влез во ЕУ нема да биде лесен. Ќе има и други пречки кои ќе треба да бидат надминати
Олаф Шолц, Германски канцелар

„Дали сакате да го прифатите европскиот компромис? Со тоа, 17 години по доделувањето на статусот на кандидат за членство во ЕУ, може конечно да се одржи првата пристапна конференција за членство. Тоа ќе биде важен чекор што ќе ве приближи до членство во ЕУ и со што ќе се надмине блокадата“.

Шолц додава дека ја разбира исподелува нетрпеливоста и фрустрацијата поради долгото чекање за почеток на преговорите.

„Јас ве разбирам кога ќе кажете: Нам ни беше предолго и премногу ветувано. Тоа што се бараше од нас беше премногу. Јас го разбирам Вашиот сомнеж дали со овој чекор навистина ќе се отвори патот за влез во ЕУ“, вели канцеларот.

Шолц воедно укажува дека процесот за влез во ЕУ ќе носи и други предизвици.

„Сакам да бидам сосема искрен со Вас: Дури и по прифаќањето на овој компромис, процесот за влез во ЕУ нема да биде лесен. Ќе има и други пречки кои ќе треба да бидат надминати. Но, јас исто така Ви велам: Заедно ќе ги совладаме задачите кои ни претстојат“, посочува канцеларот.

Во неговиот заклучок од писмото стои: „ Ние сме и ќе останеме на ваша страна“.

Слично писмо минатата недела упати и американската амбасадорка, Кејт Мари Брнз, која укажа дека прифаќањето на предлогот за почеток на преговорите за членство во ЕУ значајна можност за напредок на Северна Македонија.

„Тој го признава македонскиот јазик и идентитет и ги заштитува од понатамошни предизвици.. Иако можеби не е совршен, предлогот го прави она што е потребно: ги заштитува вашите клучни интереси“, посочи амбасадорката Брнз.

Во Скопје, после еднодневна пауза, вчера продолжија протестите против „францускиот предлог“, кои се под мотото „Ултиматум, Не, благодарам“.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG