Линкови за пристапност

Осми ден протести и барање за отфрлање на „францускиот предлог“


Опасност од асимилација и негирање на македонскиот јазик и идентитет се кријат во францускиот предлог. Ова беа клучните поенти на говорниците на денешниот протест кои порачаа „Да во ЕУ, но како годри Македонци“



СКОПЈЕ - Осми ден по ред граѓаните во Скопје излегоа на протестот под мотото „Ултиматум, Не благодарам“ и побараа од Владата да го отфрли францускиот предлог за кревање на бугарското вето и деблокирање на стартот на преговорите со Европската Унија.

Протестот кој е поддржан од опозициските ВМРО – ДПМНЕ и Левица, почна во 19 часот пред Владата а граѓаните со повици за оставка продолжија кон министерството за правда а потоа и пред Собранието.

Пред граѓаните присутни на протестот прв се обрати Димитар Атанасовски, кој повика на национално обединување против францускиот предлог со кој се разнебитува Македонија и побара поддршка и протести во сите градови низ државата.

„ „Не“ за разнебитување на Македонија, „Не“ за заборав на македонскиот народ, „Не“ за македонскиот јазик да биде некаков си дијалект затоа што сме посебни од памти век па до ден денеска говориме на македонски јазик и така ќе остане. Потребно е национално обединување на сите граѓани на Република Македонија. Освен Македонците ги повикувам и Албанците, Турците, Бошњаците, Србите, Власите, Ромите и сите кои им значи Македонија.Не смееме да поминеме преку ова, не смееме да дозволиме историјата да не пишува како хибридна нација затоа што не сме такви, затоа што Македонци сме се родиле и Македонци се и нашите деца и сите идни поколенија“, рече Атанасовски.

На крајот од протестот се обрати и потпретседателот на Унијата на Млади сили на ВМРО – ДПМНЕ, Филип Ѓорѓиев, за кого влез во ЕУ може само како Македонци а не асимилирани Бугари и побара поголема поддршка од младите.

„ Ако треба македонскиот глас нека се слушне и до Софија, но македонскиот народ нема да дозволи да се асимилираат македонските граѓани. Европска Унија „ДА“, но само ако влеземе како Македонци кои ќе се гордо исправени, а не како асимилирани Бугари или било што друго, не со свиткани кичми, обезличени, обележани како нација со цртички или граѓани на некоја туѓа држава. Од тука вечерва би ги повикал и сите останати, а особено младите кои се уште се колебаат да излезат и да го искажат својот револт, бидејќи Македонија се сака и се брани со акција и со дела. А, зарем ние немаме доволно причини да бидеме сите на улиците? Нашиот народ има одлично памтење. Ни го земаа знамето, ни го земаа името, а сега сакаат и душата да ни ја земат“, рече Ѓорѓиев.

Протестите продолжуваат утре, во 19 часот пред Владата по веќе утврдената маршрута, преку министерството заправда пред Собранието.

XS
SM
MD
LG