Линкови за пристапност

Дали поделеноста околу францускиот предлог, може да доведе до предвремени парламентарни избори?


Можат ли тензиите и поделените мислења помеѓу главните политички опоненти во државата околу францускиот предлог да доведат до одржување на предвремени парламентарни избори. На тоа ќе влијаат повеќе фактори, велат аналитичари за Гласот на Америка. Аналитичарот, Петар Арсовски вели дека сето тоа ќе зависи најмногу како ќе се постави владеачката коалиција во овие моменти.

„Доколку владечаката коалиција постигне консензус за францускиот предлог, тогаш шансите за предвремени избори драматично се намалуваат. Доколку пак се разединат и има различни ставови, тогаш ќе се разединат и во својата вкупна политичка подршка, па предвремените парламентарни избори стануваат реална можност“, вели Арсовски.

Александар Кржалоски од Македонскиот центар за меѓународна соработка - МЦМС, смета дека атмосферата во општеството е веќе поларизирана во однос на прифаќање или одбивање на предлогот, наместо спротиствување на аргументи за или против.

„Ова веројатно, бидејќи владата може да го протурка и да ја извести Европската комисија дека го прифаќа предлогот и без согласност на опозицијата, односно со просто мнозинство во парламентот или само со владина одлука. Веројатно ќе предизвика опозицијата да ги засили своите барања за предвремени парламентарни избори, иако не верувам дека во овој момент ќе може да предизвикаат пад на владата или гласање во собранието за тоа“, вели Кржалоски.

Но, и двајцата сметаат дека францускиот предлог има потенцијал за креирање на тензии во општеството главно меѓу етничките Македонци.

„Но, не би очекувал меѓуетнички тензии. И, за разлика како што тоа беше ситуацијата со Преспанскиот договор, каде што имаше таква поларизација, но се разреши, но останаа траумите од тогаш, овој пат мислам дека има поголем потенцијал, бидејки помала е подршката да се прифати предлогот, отколку што тоа беше случајот со Преспа. Иако се уште нема анкети да го потврдат тоа или нема барање за референдум“, вели Кржалоски.

„Секако дека францускиот предлог може да предизвика дополнителни тензии во државата, имајки во предвид дека се случува во период кога имаме длабоко поларизирано општество и во момент на висока политичка тензија во државата и една системска политичка криза. Вчерашните протести кои се закануваат да станат насилни го покажуваат тоа“, додава Арсовски.

Дополнително и временскиот притисок од брзо разрешување на ова прашање ги подгрева тие емоции и тензии, вели Арсовски.

XS
SM
MD
LG