Според нашето прагматично гледиште тој претставува реално најдобра можност конечно да ја придвижите вашата земја напред на патот кон ЕУ, истовремено зајакнувајќи ја вашата улога во одлучувањето за сопствената иднина.
Тоа стои во дел од писмото што амбасадорката на САД, Кејт Мари Брнз го упати денеска до македонските граѓани, а по повод францускиот предлог за почеток на преговорите со ЕУ и за надминување на спорот со Бугарија.
„Разбираме дека предлогот не е таков каков што вие би го подготвиле доколку би имале можност еднострано да ги диктирате условите – но тој го признава македонскиот јазик и идентитет и ги заштитува од понатамошни предизвици“, се вели во писмото од амбасадорката.
Таа додава дека договорот е во согласност со македонските цели и интереси.
„Иако можеби не е совршен, предлогот го прави она што е потребно: ги заштитува вашите клучни интереси и овозможува отпочнување преговори и динамичен процес на скрининг“, се вели во писмото од Мари Брнз.
Откако ќе ги започнете преговорите ќе имате повеќе алатки на располагање и, благодарение на новата методологија, ран пристап до фондовите и програмите на ЕУ, кои ќе можете да ги користите за реализација на сопствените цели и изградба на иднина каква што посакуватеКејт Мари Брнз
Таа посочува и на можностите за економски и инфраструктурен развој на земјата.
„Откако ќе ги започнете преговорите ќе имате повеќе алатки на располагање и, благодарение на новата методологија, ран пристап до фондовите и програмите на ЕУ, кои ќе можете да ги користите за реализација на сопствените цели и изградба на иднина каква што посакувате за себе и за вашите деца. А тогаш кога ќе бидете членка на ЕУ, ќе имате еднаков глас внатре во Унијата, исто како што сега имате во НАТО“, истакнува амбасадорката.
Мари Брнз додава дека сегашната одлука е клучна за следните чекори.
„Кога ќе сте на преговарачката маса, и кога ќе сметате дека вашите забелешки не го добиваат потребното внимание, ќе имате можност да направите различни избори. Но, треба да го направите првиот чекор за да стасате до вториот“, укажува Брнз.
Амбасадорката воедно нагласува дека „САД се сојузник, партнер и пријател во обезбедувањето Евро-Атлантска иднина за земјата“.
„Суштината на демократијата е слободата на избор. Суштината на пријателството е да ги поддржуваме одлуките на нашите пријатели и да повикаме на храброст во времиња на предизвици. Како ваш пријател, Соединетите Американски Држави се надеваат дека ќе го изберете најдоброто за вашата земја денес, а и за нејзината иднина“, стои во заклучокот од писмото што амбасадорката Брнз го упати до македонските граѓани.
Facebook Forum