Русија сака со помош на Украина да се оддели од западниот свет, вели Задорожњук

Или сите сме на страната на силата на правото, или победува авторитарна Русија со своето право на сила, рече украинската амбасадорка во Северна Македонија на пандел дискусија во Скопје

Со ситуацијата меѓу Украина и Русија ќе се решава и за иднината на меѓународниот правен поредок, вели украинската амбасадорка во Северна Македонија Наталија Задорожњук.

Проценките што на панел дискуија ги изнесе Задорожњук се дека токму на примерот на нејзината земја ќе биде изборот меѓу релативно стабилен свет со јасни правила на игра за секоја земја, или уништување на постојниот систем меѓу државите.

„Или сите сме на страната на силата на правото, или победува авторитарна Русија со своето право на сила. Во однос на руско-украинскиот конфликт, секогаше е тешко со соседите, но цивлизираните земји ги решаваат споровите на цивилизиран народ. Не можам да замислам некој сосед на Северна Македонија, во 21. век, да дојде да ви земе територија и да убие околу 15.000 луѓе и тоа е само затоа што вашата земја сака сама да си го избере својот пат и својата иднина. Главна причина за оваа хибридна и вистинска војна е стремењето на Русија да ја обнови империјата, да го зачува авторитарниот режим. И со помош на Украина, Белорусија, Грузија да се оддели од западниот свет“, вели Задорожњук.

Таа ги повтори трите можни решенија – најпосакуваното, дипломатско-политичко, економско сценарио во кое Русија би трпела сериозни санкции и најлошото – отворен воен конфликт меѓу Киев и Москва во кој Украина од НАТО би добила поддршка во опрема, но не и во трупи.

Друг сериозен елемент кој го посочија експертите беше и ширењето лажни вести и дезинформации чија цел е и земјава.

„Во клучни моменти или важни настани, техниката која ја користи Москва е да го преплави информацискиот простор, да ја дефокусира јавноста од конструктивна дебата, да го одвлече вниманието од суштината и вистината, во нашиот случај тоа што ни го кажува украинската страна и придонесува луѓето да бидат збунети и да не знаат во што да веруваат. Во оваа техника нападнати се и емоциите на луѓето, како на пример дека ќе гинат наши војници во Украина“, вели Росана Алексовска од „Мост“.

Минатата недела една од точките за кои расправаше Советот за безбедност беше токму безбедносната ситуација. Беше заклучено дека земјата е подготвена да одговори на сите можни сценарија во Украина.

Позицијата на Скопје, која шефот на дипломатијата му ја пренесе на рускиот амбасадор, е дека Северна Македонија го почитува суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина, во меѓународно признатите граници.

Your browser doesn’t support HTML5

Задорожњук: Со ситуацијата меѓу Украина и Русија ќе се решава и за иднината на меѓународниот правен поредок