Линкови за пристапност

Одвоени средби меѓу Путин и Макрон и Бајден и Шолц за кризата околу Украина


Денес рускиот претседател ќе го пречека францускиот претседател, додека претседателот на САД ќе биде домаќин на германскиот канцелар
Денес рускиот претседател ќе го пречека францускиот претседател, додека претседателот на САД ќе биде домаќин на германскиот канцелар

Заканата од конфликт на руско-украинската граница е највисоко на агендата на одвоените разговори денес во Москва и Вашингтон.

Претседателот на Русија Владимир Путин ќе биде домаќин на францускиот претседател Емануел Макрон, додека претседателот на САД Џо Бајден ќе го пречека во Белата куќа германскиот канцелар Олаф Шолц.

Белата куќа рече дека Бајден и Макрон вчера разговарале по телефон за „дипломатските и одбранбените напори во одговор на натамошно руско воено распоредување на украинската граница, и ја потврдија нивната поддршка за територијалниот интегритет и соверенитет на Русија“.

Макрон минатата недела изјави дека негов приоротет е „дијалог со Русија и деескалација“.

По средбата со Путин, Макрон утре ќе патува во Киев на разговори со украинските лидери.

Шолц, пак, се очекува да има слично патување наредната недела во Москва и Киев.

Овие разговори се случуваат откако САД предупредија на руска инвазија на Украина „која би можела да се случи во секое време“, според советникот за национална безбедност на САД Џејк Саливан.

„Кој било ден Русија би можела да преземе акција против Украина, или би можело да бидат две недели“, рече Саливан во интервју за телевизијата „Фокс њуз“.

Американските разузнавачки официјални лица велат дека 70 отсто од воената сила на Москва е подготвена за напад.

Саливан рече дека САД, сепак, сакаат да преговараат со рускиот претседател Путин за неговите безбедносни грижи за активностите на САД и нивните 29 НАТО сојузници.

Бајден минатата недела нареди да бидат испратени 3.000 американски војници во Полска и Романија.

САД ја исклучија можноста трупите да се борат заедно со украинските сили во случај на руска инвазија.

Дел од информациите се преземени од Асошиетед прес и Ројтерс

XS
SM
MD
LG