Линкови за пристапност

Столтенберг го поздрави планот на САД за дополнителни трупи во Европа и најави тешки последици во случај на руска инвазија


Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг денес ги поздрави плановите на САД за распоредување повеќе војници во Европа и рече дека НАТО размислува да испрати дополнителни борбени групи во југоисточниот дел на Алијансата поради тензиите долж руско-украинската граница.

Столтенберг им рече на новинарите дека иако НАТО се подготвува за можноста Русија да преземе воена акција, сепак останува подготвена да се вклучи во „суштински дијалог“ и да најде дипломатско решение за кризата.

„НАТО продолжува да ја повикува Русија на деескалација. Секоја натамошна руска агресија би имала тешки последици и би имала висока цена“, рече тој.

САД и другите западни сојузници подготвуваат економски санкции против Русија со надеж дека ќе го убедат рускиот претседател Владимир Путин да ги повлече повеќе од 100.000 војници што Русија ги има во близина на границата.

Русија негира дека планира да ја нападне Украина.

Столтенберг денес рече дека има „значително движење на руските воени сили во Белорусија“, северниот сосед на Украина, каде Русија треба да учествува во заедничките воени вежби овој месец.

„Ова е најголемото руско распоредување таму од Студената војна“, рече Столтенберг.

Русија побара од НАТО да ги повлече трупите и оружјето распоредени во источноевропските земји-членки и да стави јасно до знаење дека Украина не може да се приклучи на Алијансата.

НАТО и Украина ги отфрлија тие барања, велејќи дека земјите се слободни да ги изберат своите сојузници.

Но, Столтенберг денес рече дека НАТО е подготвена да разговара со Русија за односите меѓу двете страни и за намалување на ризикот, за зголемена транспарентност и контрола на вооружувањето.

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган денес се среќава со украинскиот претседател Володимир Зеленски, што е последната од серијата посети на Киев на светските лидери и дипломати за да искажат поддршка за Украина и да се обидат да доведат до мирно решавање на кризата.

Ердоган предложи Турција, членка на НАТО која, исто така, има добри односи со Русија, може да дејствува како посредник.

САД вчера објавија дека испраќаат уште 2.000 војници во Европа, повеќето од нив во Полска и преместуваат 1.000 војници од Германија во Романија за да ги зајакнат земјите од источниот дел на НАТО.

Портпаролот на Пентагон Џон Кирби рече дека САД сè уште не веруваат дека Путин „донел одлука за инвазија на Украина“. Но, Кирби рече дека рускиот лидер „не покажува знаци дека е подготвен за деескалација“.

Дел од информациите во текстот се преземени од Франс-прес и Ројтерс

XS
SM
MD
LG