Линкови за пристапност

Славјанка Петровска за Глас на Америка: Северна Македонија постапува едногласно и со силно единство во НАТО


Глас на Америка: Неодамна како дел од владина делегација во Брисел се сретнавте и со генералниот секретар на НАТО, Столтенберг. Една од темите на разговор беше и Украина. Какви насоки добивте во однос на македонското делување и што конкретно е договорено во тој дел?

Славјанка Петровска: Имавме исклучително успешна средба во Брисел која започна со средбата со генералниот секретар Столтенберг и се одржа во седиштето на НАТО. Клучната порака која ни беше соопштена лично од генералниот секретар е дека Република Северна Македонија е важен сојузник во НАТО и ја поздрави нашата одлука во промовирањето на безбедноста, стабилноста и напредокот во регионот. За држава која стана членка пред само неполни две години, ова е признание кое покажува дека процесите продолжија и по формалното зачленување и дека Република Северна Македонија е сојузник, кој активно придонесува во Алијансата. Во таа насока и претседателот на владата Димитар Ковачевски и генералниот секретар Столтенберг се согласија дека по сите прашања Република Северна Македонија постапува едногласно и со силно единство со НАТО, како што впрочем е во случајот и со Украина. НАТО и Република Северна Македонија го подржува територијалниот интегритет и суверенитет на Украина и ги користат сите механизми преку кои сакаме да постигнеме деескалација на состојбата и решение преку дијалог и преговори. Она што е многу битно е дека Република Северна Македонија, како членка на НАТО има подеднакво право на глас, мислење, став и рамноправно учествува во донесувањето на одлуките на Алијансата и оттука разговорот кој го имавме со генералниот секретар не беше со цел да се споделат инструкции и насоки за делување, туку беше пред сè дијалог и дискусија на еднакви и рамноправни, дискусија помеѓу генералниот секретар на најмоќниот воено политички сојуз и највисоките претставници на нашата држава.

Глас на Америка: Дали може да го коментирате распоредувањето на воена опрема и трупи на НАТО во Балтичкиот регион и Бугарија и дали Северна Македонија би била вклучена во некаков план на НАТО?

Славјанка Петровска: Ова распоредување произлегува од една од основните функции на НАТО и се базира на членот 5 од Вашингтонскиот договор, а тоа е колективната одбрана. Нараснатите тензии на источната граница на НАТО наметнуваат мерки на претпазливост и мерки на одвраќање и одбрана, кое е добро познатата политика на овој најмоќен воено-политички сојуз. Зајакнатото и истурено присуство во балтичките земји е операција на НАТО, која трае веќе неколку години и на тој начин преку таа своја операција, НАТО ги обезбедува своите граници и ја зголемува безбедноста на своите членки.

Глас на Америка: Дали деновиве имавте разговор со амбасадорката на САД во земјава, бидејќи имаше информација дека веќе таа се сретнала со министерот Бујар Османи и дека разговарале за поддршката на Северна Македонија во делот на Украина?

Славјанка Петровска: Да, таа се сретна со Османи. За жал јас почетокот на мојот мандат го одбележав со изолација, поради тоа што бев позитивна на ковид 19. И, средбата која претходно ја имавме договорено мораше да биде одложена. Подоцна моравме да заминеме на средба со генералниот секретар на НАТО. Средбата со Амбасадорката на САД ќе се одржи во наредниот период. Во интерес на информирање на јавноста и медиумите детално ќе известиме што биле точките на разговор и кои пораки сме си ги размениле.

Глас на Америка: Дали Северна Македонија е подготвена да испрати свои војници во Украина или било каква друга помош? Дали веќе се разговара на таа тема и дали е пристигнато некакво барање од НАТО?

Славјанка Петровска: Медиумите веќе ја пренесоа изјавата на генералниот секретар Столтенберг, на која се повикува поради тоа што нашето дејствување по ова прашање е на линија на НАТО, а тоа е дека НАТО нема да испрати свои трупи во Украина затоа што Украина не е земја членка на НАТО. Би сакала да ги искоментирам, односно да ги демантирам сите оние лажни вести кои беа објавувани еден краток период и во кои се даваа негативни референци и коментари за нашата армија, а тоа е дека нашата армија нема капацитет генерално, не само како членка на НАТО. И, тие би ги нарекла апсолутно неточни и дека се дел од една хибридна војна, која се води против НАТО сојузниците, против владите кои ја поддржуваат политиката на НАТО. И секако дека нашата армија е дел од таа хибридна војна. Затоа и нашата армија се најде на мета на овие хибридни дејствувања. Буџетот на Министерството за одбрана и Армијата постојано расте, а расте и процентот на инвестирање во модернизацијата и опремувањето на Армијата, што е навистина битен и клучен елемент. И, затоа од една страна имате еден лажен напад за наводно немање на капацитет, а од друга страна добиваме честитки од сојузниците за успешно завршена воена интеграција во НАТО, за рекордно брзо време. Релевантноста на изворот на информацијата секогаш е многу побитен, отколку брзината со која што истата ќе биде споделена. Нашата армија има капацитет и тој капацитет постојано се надоградува во согласност со долгорочните планови за нејзина модернизација.

XS
SM
MD
LG