Францускиот претседател Емануел Макрон денес во Москва се сретна со рускиот претседател Владимир Путин, во обид да ја намали заканата од руска инвазија на Украина, но, Кремљ однапред рече дека не очекува итна резолуција на ќор-сокакот со Западот.
„Решението е премногу сложено да се очекува значаен пробив за време на еден состанок“, изјави за новинарите портпаролот на Кремљ Дмитри Песков, додавајќи дека „изминативе денови нема ништо ново на темата за безбедносните гаранции за Русија“.
„Нашите западни соговорници преферираат да не ја спомнуваат оваа тема“, рече Песков.
На почетокот на состанокот, Макрон му рекол на Путин дека „овој разговор може да биде почеток на насока во која треба да одиме, а тоа е деескалација, одбегнување војна и изградба на елементи на доверба, стабилност и видливост за секој“.
По средбата со Путин, Макрон оди во Киев на разговори со украинските лидери.
Во меѓувреме, претседателот на САД Џо Бајден се среќава во Белата куќа со германскиот канцелар Олаф Шолц, првапат откако Шолц дојде на власт во Берлин во декемвври.
Нивните разговори, исто така, ќе бидат фокусирани на олеснување на тензиите во источна Европа и спречување на руски напад на Украина.
Бајден минатата недела нареди да бидат испратени 3.000 американски војници во Полска и Романија.
САД ја исклучија можноста трупите да се борат заедно со украинските сили во случај на руска инвазија.
Дел од информациите се преземени од Асошиетед прес и Ројтерс