Линкови за пристапност

Се размислува дали може да ѝ дадеме на Украина хеликоптери МИ-24, вели Министерството за одбрана


Овие се тешко вооружени и оклопни борбени хеликоптери, од советско и руско производство, чија набавка почна за време на конфликтната 2001
Овие се тешко вооружени и оклопни борбени хеликоптери, од советско и руско производство, чија набавка почна за време на конфликтната 2001

Северна Македонија подготвува нова пратка воена помош за Украина. Овојпат, станува збор за борбени хеликоптери. Во одговорот што го добивме од Министерството за одбрана, меѓу редови, се чита дека во Скопје веќе се разгледува барање пратено од Киев за асистенција во форма на хеликоптери.

„Во согласност со побарувањата од украинска страна, во тек е изработка на анализа дали може да се одговори позитивно на нивното барање за донација на хеликоптери“, одговараат од Министерството.

Станува збор за армиските МИ-24 хеликоптери. Оваа флота од 12 летала веќе извесен период не е оперативна. Тоа се тешко вооружени и оклопни борбени хеликоптери, од советско и руско производство, чија набавка почна за време на конфликтната 2001.

Во годините што следеа нивниот број се зголемуваше, а истовремено се инвестираше и во нивно осовременување. Овој процес подолго време е запрен, зашто Армијата најави дека во нејзиниот натамошен развој не смета на МИ-24 како дел од формациската структура.

„При оваа анализа (за побарувањата на Украина) се земаат предвид плановите наведени во Долгорочниот план за развој на одбранбените способности, според кој се предвидува набавка на нови повеќенаменски хеликоптери кои треба да ги заменат постоечките. Согласно планот за модернизација на Армијата, работи Интегриран проектен тим кој е во фаза на евалуација на понуди од различни производители, за набавка на повеќенаменски хеликоптери за потребите на Армијата, но и за цивилна заштита и спасување“, велат од одбрана.

Се подготвува нова воена помош за Украина од Скопје
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:27 0:00

Како замена за МИ-24, во игра е набавка на мултифункционални хеликоптери, речиси извесно од американски или западноевропски производители, што е очекувано, имајќи предвид дека земјава веќе 3 години е дел од НАТО, чии членки, во изминатата година, се во процес на вооружување и модернизација како одговор на руската агресија врз Украина.

Доколку се даде „зелено светло“ за МИ-24, тие ќе ја дополнат актуелната листа вооружување кое досега е пратено за Украина и опфаќа пешадиско вооружување и муниција, артилерска опрема, тенкови, авиони од типот Сухои-25, средства и опрема за водење противоклопна борба, опрема за противвоздушна одбрана, опрема и муниција на военото воздухопловство и интендантски материјални средства.

Од стартот на војната, Северна Македонија се вклучи во бранот помош за Украина, информација која дури минатата недела беше делумно декласифицирана и тоа за видот на оружјето што се праќа, но не и за неговата количина.

XS
SM
MD
LG