На оваа сателитска снимка е воениот дел од аеродромот во Скопје.
На неа е видливо отсуството на четирите „Сухои 25“ кои со години седеа паркирани покрај пистата.
Причината за тоа е едноставна - пратени се во Украина како дел од воената помош за справување со руската агресија.
Информацијата, за која месеци се шпекулираше, и официјално ја потврди министерството за одбрана кое од вчера делумно ги декласифицираше одлуките за донација на воена помош и опрема за Украина.
Тоа значи дека за јавноста стануваат достапни информациите за видот на асистенција која, преку шест одлуки, е пратена за Украина.
Донациите може да се поделат во неколку категории - пешадиско вооружување и муниција, артилерска опрема, тенкови, авиони од типот Сухои-25, средства и опрема за водење противоклопна борба, опрема за противвоздушна одбрана, опрема и муниција на военото воздухопловство и интендантски материјални средства.
За колкава количина од оваа опрема станува збор не се прецизира, бидејќи тој дел од информацијата останува класифициран. Она што е јасно е дека оваа опрема е од источно производство и дека не била дел од формацијата на Армијата.
Од порано беше познато дека Северна Македонија поседува четири „Сухои-25“ набавени за време на конфликтот во 2001-та. Тие со години не летаа и неупотребувани, со години, седеа крај пистата. Армијата одамна се откажа од потребата за вакви летала кои не се предвидени во нејзиниот натамошен развој и беше само прашање на време каде тие ќе завршат.
Министерството за одбрана пред неколку месеци призна дека за Украина се пратени и триесетината тенкови Т-72, од советско производство. Потврдата дека оваа воена опрема ќе заврши на фронтот следеше откако снимки од транспортот на тенковите се појавија во јавноста. Пред извесен период Генералштабот соопшти дека не предвидува ниту натамошно осовременување на борбените хеликоптери МИ-24 од руско производство или нивна замена со нови.
Надлежните уверуваат дека сета воена опрема и техника која и е дадена на Украина на никаков начин не влијае на ефикасноста и подготвеноста на армиските единици на Северна Македонија. Армијата е во фаза на модернизација со нова опрема, при што најголем партнер се САД кои, за една година, дале поддршка од вкупно 137 милиони долари.