Осуда за руската агресија, повици за прекин на воените дејства, барања за повлекување на руските воени сили – со тие пораки денеска во Киев допатува Бујар Османи во својство на претседавач со ОБСЕ. Шефот на македонската дипломатија, кому ова му е прва посета откако Северна Македонија го презеде претседавањето со ОБСЕ, се надева дека дипломатијата ќе го замени оружјето за да се спречат натамошните човечки страдања.
„Стоејќи тука, како претседавач со ОБСЕ, ја повикувам Руската Федерација да ја запре оваа војна, да ги повлече своите трупи од Украина, да се обврзе на принципите и вредностите на ОБСЕ и да и се врати на дипломатијата. Човечките страдања мора да запрат, јануарскиот извештај на Високиот Комесар за човекови права на ОН документира над 18 000 жртви од почетокот на агресијата. Вистинскиот број на загинати или повредени лица е веројатно поголем. Покрај тоа, евидентирани се речиси осум милиони украински бегалци низ Европа. Речиси пет милиони се внатрешно раселени. Овие бројки се шокантни. Дури и да се работи само за еден изгубен живот или уништена иднина, тоа е превисока цена за плаќање. Оние кои се одговорни за изложување на невини луѓе на застрашувачки дела, мора да одговараат“, изјави Бујар Османи, министер за надворешни работи на Северна Македонија.
Османи повтори дека врвен приоритет на претседавањето на Северна Македонија со ОБСЕ ќе биде токму Украина и обидите за враќање на мирот. Тоа, според него, треба да биде во согласност со вредностите на организацијата, но и на начин кој ќе ги почитува меѓународно признатите граници на Украина.
„Украина ќе биде врвниот приоритет на нашето претседавање со ОБСЕ. Нема едноставно да го прифатиме она што се случува, туку ќе се вклучиме и ќе ги ставиме алатките на ОБСЕ на располагање за активно изнаоѓање мир. Како претседавач со ОБСЕ, Северна Македонија ќе биде чувар на принципите на ОБСЕ. Ќе ги поддржиме сите иницијативи кои ќе водат до правично и одржлив мир обезбедувајќи го територијален интегритет и суверенитет на Украина во рамки на меѓународно признатите граници.“, изјави Бујар Османи, министер за надворешни работи на Северна Македонија.
Неговиот домаќин, шефот на украинската дипломатија отиде чекор понатаму – побара Русија да остане без членството во ОБСЕ за, како што рече, Москва да нема начин да влијае врз работата на организацијата.
„Украина смета дека единствен начин да се спаси ОБСЕ е да се острани Русија од членството. Во однос на ова, треба да преземеме се што е можно за на Русија да и се оневозможи да влијае на одредени процеси и одлуки кои се носат на ниво на ОБСЕ“, изјави Дмитро Кулеба, министер за надворешни работи на Украина.
Северна Македонија го презеде претседавањето со ОБСЕ во еден од најтешките моменти во полувековната историја. Организацијата која се простира на 3 континенти и има 57 земји-членки, за првпат се соочува со таква закана за европската безбедност –конфликт од широки размери на нејзина територија, незапаметен од Втората светска војна.