Линкови за пристапност

Заштитата на Палестинците е морален императив, кажа Остин


Во Газа денес, бројот на цивилни жртви е премногу голем, а количината на хуманитарна помош е премногу мала, му рече секретарот за одбрана на САД на израелскиот колега Галант
Во Газа денес, бројот на цивилни жртви е премногу голем, а количината на хуманитарна помош е премногу мала, му рече секретарот за одбрана на САД на израелскиот колега Галант

Американскиот секретар за одбрана Лојд Остин изјави денес дека е морален и стратешки императив да се заштитат палестинските цивили во војната меѓу Израел и Хамас и дека хуманитарната катастрофа во опколената Газа се влошува.

Остин зборуваше на почетокот на состанокот со израелскиот министер за одбрана Јоав Галант во Пентагон, кога односите меѓу американскиот претседател Џо Бајден и израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху паднаа на најниско ниво за време на војната.

„Во Газа денес, бројот на цивилни жртви е премногу голем, а количината на хуманитарна помош е премногу мала“, рече Остин, седејќи спроти Галант.

„Газа трпи хуманитарна катастрофа и ситуацијата станува уште полоша“, рече Остин, што е една од неговите најсилни критики досега.

По состанокот, Пентагон соопшти дека Остин имал искрен и директен разговор со Галант.

Израелскиот министер за одбрана, исто така, втор ден се сретна со советникот за национална безбедност на Белата куќа Џејк Саливан, кој му кажа на Галант дека Израел треба да го зголеми протокот на хуманитарна помош во Газа, изјави за новинарите портпаролката на Белата куќа, Карин Жан-Пјер.

Израел започна напади и гранатирање во Газа во кои загинаа над 32.000 Палестинци, според здравствените власти на енклавата - најтешкиот конфликт меѓу Израел и Хамас, исламистичка група која управува со територијата.

Екстремниот недостиг на храна поттикна страв од глад.

„Потребно ни е итно зголемување на помошта за да се избегне глад“, рече Остин.

Висок претставник на одбраната, кој сакаше да остане анонимен, рече дека повеќе помош сега тече низ копнените премини и дека во просек околу 200 камиони дневно поминуваат во Газа.

Нивната средба се одржува откако Нетанјаху вчера ја откажа посетата на Вашингтон на двајца од неговите највисоки соработници кои требаше да ги слушнат идеите на САД за оперативните алтернативи.

Тешките односи на Нетанјаху со Бајден станаа уште позатегнати поради одлуката на Вашингтон да не стави вето на резолуцијата на Советот за безбедност на ОН, со која се бара итен прекин на огнот во Газа.

САД работат на тоа Нетанјаху да разгледа алтернативи за копнена инвазија на Рафа, последното релативно безбедно засолниште за палестинските цивили.

Остин рече дека ќе разговара за алтернативни пристапи за напад врз милитантите на Хамас во Рафа.

Високиот претставник на одбраната рече дека Остин разговарал за потенцијалните чекори, како што е прецизното таргетирање на борците на Хамас од страна на Израел во Рафа.

Заканата од таква офанзива ги зголеми разликите меѓу блиските сојузници, САД и Израел, и ги покрена прашањата за тоа дали САД би можеле да ја ограничат воената помош, доколку Нетанјаху му пркоси на Бајден и сепак продолжи напред.

Остин рече дека безбедносната врска меѓу Израел и САД е „непоколеблива“.

„САД се најблискиот пријател на Израел и тоа нема да се промени“, додаде тој.

XS
SM
MD
LG