Американскиот државен секретар Ентони Блинкен денес беше во Египет на разговори фокусирани на напорите да се обезбеди прекин на огнот во војната меѓу Израел и Хамас, да се ослободат заложниците во Газа и да се префрли поголема хуманитарна помош во Газа, за да им се помогне на палестинските цивили.
Стејт департментот соопшти дека Блинкен разговарал за потенцијален прекин на борбите кои траат најмалку шест недели, како и за ослободување на сите преостанати заложници, додека се состанал со египетскиот претседател Абдел Фатах ел-Сиси.
Највисокиот американски дипломат требаше да се сретне и со претставници од Јордан, Саудиска Арабија, Катар и Обединетите Арапски Емирати.
Повеќе земји беа вклучени во неколкунеделни разговори кои се обидуваа да излезат со предлог прифатлив и за Израел и за милитантната група Хамас.
Блинкен ќе ги информира израелските лидери за најновите случувања кога ќе отпатува за Израел на разговори в петок.
Во Израел, Блинкен „ќе разговара за потребата да се обезбеди пораз на Хамас, вклучително и во Рафа, на начин што ќе го заштити цивилното население, нема да ја попречува испораката на хуманитарна помош и ќе ја унапреди севкупната безбедност на Израел“, се вели во соопштението на Стејт департментот.
САД се спротивставија на планот на Израел да изврши копнена офанзива во Рафа, лоцирана долж границата Газа и Египет, за која Израел вели дека е неопходна за да ја постигне својата цел да го порази Хамас и да се осигура дека групата, означена од САД како терористичката, не може да изврши друг напад како нападот на Израел на 7 октомври.
Пентагон соопшти дека американскиот секретар за одбрана Лојд Остин разговарал за потребата да се „разгледаат алтернативи за голема копнена операција во Рафа“, додека разговарал вчера со израелскиот министер за одбрана Јоав Галант.
Остин му кажа на Галант дека САД ја споделуваат целта да го поразат Хамас, се вели во соопштението на Пентагон.
Министрите за одбрана зборуваа и за потребата да се заштитат цивилите и „итно да се зголеми протокот на помош во Газа преку копнени премини“.
Настрана од бројот на луѓе убиени во војната - 1.200 во нападот на Хамас на 7 октомври врз Израел, и речиси 32.000 во контраофанзивата на Израел во Газа - испораката на хуманитарна помош во воената зона за помош на гладните Палестинци стана една од најспорните точки на конфликт меѓу Израел и неговите западни сојузници.
Блинкен ја започна својата посета на регионот во Саудиска Арабија, каде во средата се сретна со престолонаследникот Мохамед бин Салман и министерот за надворешни работи, принцот Фајсал бин Фархан.
Блинкен и неговиот саудиски колега „разговараа за итната потреба да се заштитат сите цивили во Газа и веднаш да се зголеми хуманитарната помош за оние на кои им е потребна“, соопшти Стејт департментот.
Борбите во Газа продолжија денес, а Израел соопшти дека спроведува воздушни и копнени операции во областа на болницата Шифа во градот Газа.
Израелската војска соопшти дека нејзините сили убиле повеќе од 50 милитанти во текот на изминатиот ден.
Борбите беа во тек и во центарот на Газа и во областа Кан Јунис во јужниот дел на појасот Газа.
Некои информации во текстот се од АП, Франс-прес и Ројтерс