Линкови за пристапност

Експерти за безбедност и конфликти: Балканот нема да остане имун на случувањата во Украина


Вежби на руската армија. Screen Shot: AP
Вежби на руската армија. Screen Shot: AP

Далекусежни последици врз Европа, како и врз НАТО може да донесе кризата меѓу Украина и Русија. Ниту Балканот не би останал незасегнат од целата ситуација. Ова го сметаат македонски експерти за безбедност и за решавање конфликти.

Долготрајни геополитички последици се можни од тензиите меѓу Украина и Русија. Тоа го сметаат наши познавачи на безбедносните состојби и меѓународните конфликти.

Експерти за безбедност и конфликти: Балканот нема да остане имун на случувањата во Украина
please wait

No media source currently available

0:00 0:04:04 0:00

Според деканот на факултетот за безбедност, Никола Дујовски, сегашната ситуација може да влијае и врз иднината на НАТО.

„Мислам дека решението се наоѓа во договорот за тоа што ќе се случува со украинската потреба за членство во НАТО. Алијансата треба да размисли дали можеби постои некој друг начин на зајакната соработка меѓу НАТО и Украина. Дали можеби ќе биде поисплатливо за некој временски период да се одложат таквите дејствија и да се изнајде некое стратешко партнерство што ќе биде задоволително и за НАТО и за Русија“, Вели Дујовски.

Професорката, пак од Институтот за безбедност, одбрана и мир, Лидија Георгиева, укажува на појава на нова трка во вооружувањето, но и на засилена биполаризација по теркот на студената војна.

„И како НАТО понатаму ќе се движи. Дали ќе го прифати „ултиматумот“ на Русија за натамошно проширување и за враќање на позициите од 97-ма година. Другата, секако оди во релација на приближување на Русија и Кина како партнери“, истакнува Георгиева.

Според нашите соговорници, земјите од Балканот, иако се далеку, не можат да останат целосно имуни од сегашната ситуација.

„Безбедносните ризици во овој момент за нашата држава и за регионот, не се многу големи. Особено не, оние што би биле директни безбедносни ризици. Тука не би го ставил „сајбер“ просторот, на којшто треба секогаш да бидеме внимателни затоа што многу портали регистрирани во Русија, влијаат на тековите на Балканот, на оние неформални текови. Тоа сè повеќе се чувствува. Факт е дека државите не успеваат да најдат соодветен одговор на вид, да речам, војна“, додава Дујовски.

Професорката Георгиева, пак, укажува дека и нашиот регион може да биде засегнат.

Тука веќе влегуваат и други сериозни прашања. И радикализација во нашиот регион, учество на странски борци во Украина, поддршка на некоја од про-руските или про-украинските страни
Проф. д-р Лидија Георгиева

„Истото важеше и за Сирија и за Авганистан и за останатите држави, па бегалските бранови секако нè засегнаа и нас, а секако и најголем дел од Европа“, вели Георгиева.

Не се исклучуваат и радикални појави.

„Тука веќе влегуваат и други сериозни прашања. И радикализација во нашиот регион, учество на странски борци во Украина, поддршка на некоја од про-руските или про-украинските страни“, нагласува професорката.

Се укажува и на неопходна поголема будност на домашните безбедносни структури.

„Ние сме повеќе од една деценија, а особено во периодот пред пристапувањето кон НАТО, многу подложно тло токму за такви источни служби коишто овде, не само што прибираат информации, туку се обидуваат и да влијаат на некакви неформални текови“, вели професорот Дујовски.

Во однос на можните решенија, пак, таканаречената Дејтонизација на Украина, по примерот на поранешна Југославија, се смета дека не е препорачлива.

„Сигурно ќе бара можеби нешто од старите лекции што го имаме, но секако ќе бара и нови решенија. Тоа е зашто вклучува и две супер-сили. Како поддршка на една од страните вклучува улога на НАТО, вклучува Европска унија. Мислам дека ќе биде многу тешко да се донесе едно наметнато решение, како што тоа беа решенијата на Балканот“, анализира Георгиева.

Да не ја заборавиме Украина. Тоа е многу голема држава и има големи капацитети. Не станува збор за помалата сестра којашто во ситуацијата само ќе следи што прават Русија и НАТО
Проф. д-р Никола Дујовски

Состојбите на теренот не се ветувачки, но нашите соговорници сепак се надеваат на мирно решение.

„Уверен сум дека и Путин, но и западните политичари и особено лидерите на НАТО, ќе успеат да договорат што е тоа што е важно за Русија во овој момент, а што е тоа црвена линија за НАТО. И, да не ја заборавиме Украина. Тоа е многу голема држава и има големи капацитети. Не станува збор за помалата сестра којашто во ситуацијата само ќе следи што прават Русија и НАТО“, убеден е Дујовски.

„Воените последици не се само во жртви, туку и во економија, во просперитет и во сите други аспекти. Тоа го покажа и целиот период на студената војна. Во 21. век не ни треба нова студена војна“, порачува Георгиева.

XS
SM
MD
LG