Болничките работници велат дека израелските воздушни напади убиле најмалку 30 луѓе во центарот на Газа изминатото деноноќие, со што бројот на загинати достигна најмалку 56 лица во изминатите 24 часа.
Вработените во болницата „Ал Акса“ во Деир ал Балах за Асошиетед прес изјавија дека повеќе од десет жени и деца биле убиени во нападите што погодиле цели во централна Газа, вклучувајќи ги Нусеират, Заваида, Магази и Деир ал Балах.
На социјалната мрежа „Х“, израелските одбранбени сили денеска соопштија дека борбени авиони нападнале околу 40 „концентрации на терористите и комплекси за команда и контрола“ на Хамас низ Појасот Газа во изминатите 24 часа во заедничка операција на Израелските воздухопловни сили и Јужната команда на израелските одбранбени сили.
Израелските одбранбени сили наведуваат дека десетици терористи на Хамас оперирале од комплексите, од кои некои биле основани во простори кои претходно биле користени како училишта.
„Ова е уште еден пример за цинично и систематско користење на цивилите и цивилната инфраструктура во Појасот Газа од страна на Хамас за терористички цели“, соопштја израелските одбранбени сили.
Израелската војска соопшти дека презела многу чекори пред нападите за да спречи нанесување штета на цивилите, „вклучувајќи употреба на прецизно оружје, воздушни набљудувања и дополнителни разузнавачки информации“.
Израелските одбранбени сили, исто така, утринава објавија дека пресретнале беспилотно летало и собориле проектил, секој лансиран од Јемен. Од својот профил на „X“, израелските одбранбени сили соопштија дека дронот бил пресретнат пред да премине на израелска територија и дека не биле активирани никакви предупредувања.
Во соопштението се вели дека проектилот бил пресретнат и соборен над јужниот дел на Израел, при што фрагменти паднале во областа Модиин. Нема информации за штети, а инцидентот е под истрага, се вели во соопштението.
Во средата, Израел предупреди дека ќе ги интензивира своите напади против Хамас ако милитантната група продолжи да ги држи заложниците што ги зеде во својот терористички напад на 7 октомври 2023 година и лансира ракети врз Израел.
Последните напади врз Газа се случуваат кога израелска делегација, наводно, е во Доха, за да ги продолжи преговорите за договор за прекин на огнот со Хамас. Кабинетот на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху вчера соопшти дека тој ја овластил делегацијата од разузнавачките служби и војската на земјата.
Војната во Газа започна со терористичкиот напад на милитантите на Хамас на 7 октомври 2023 година, при што беа убиени околу 1 200 луѓе и зедоа околу 250 луѓе како заложници. Околу 100 заложници сѐ уште се држат во Газа, а најмалку една третина од нив се верува дека се мртви.
Во израелската контраофанзива во Газа загинаа повеќе од 45 500 Палестинци, а повеќе од 108 000 беа повредени, според податоците на Министерството за здравство во енклавата, кое не прави разлика меѓу милитантите и цивилите во својата статистика.
Војната израмни широки области на Газа и расели 90% од населнието – 2,3 милиони луѓе.
Хамас и Хезболах се означени како терористички групи од САД, Велика Британија и други западни земји.
Дел од информациите за овој извештај доаѓаат од Асошиетед прес, агенцијата Франс прес и Ројтерс.