САД испраќаат мал број дополнителни војници на Блискиот Исток по наглото зголемување на насилството меѓу Израел и силите на Хезболах во Либан, изјави вчера портпаролот на Пентагон, генерал-мајор Пат Рајдер.
Рајдер не даде дополнителни детали за бројот на сили или што ќе прават.
Сепак, висок американски функционер изјави за Гласот на Америка дека се работи за десетици војници, а нивната примарна задача ќе биде подготовка за потенцијално заминување на американските граѓани со помош на војската, доколку избие поголема регионална војна.
Друг американски официјален претставник истакна дека ситуацијата сè уште не е во момент кога е потребно заминување со помош на војската.
Доколку е потребна евакуација, американската војска има распоредени маринци во близина кои би можеле да ја извршат мисијата, изјави друг официјален претставник за Гласот на Америка.
Сите зборуваа под услов да останат анонимни за да разговараат за чувствителните прашања за националната безбедност.
Рајдер, како одговор на прашање на Гласот на Америка вчера, им рече на новинарите дека Пентагон е подготвен за „широк спектар на непредвидени ситуации“, доколку американската војска биде повикана на помош.
„Имаме повеќе способности во регионот денес отколку што имавме на 14 април, кога Иран изврши напад со беспилотни летала и ракети против Израел“, рече тој.
Соопштението доаѓа по неколку напади на израелските сили врз цели на Хезболах во Либан, во кои загинаа стотици луѓе.
Стејт департментот ги предупредува Американците да го напуштат Либан како што ескалира ризикот од регионална војна.