Линкови за пристапност

Американски разузнавачи: Русија стои зад мешањето во претседателските избори во САД


"Само високи руски претставници можеле да го одобрат неодамнешното крадење на податоци поврзани со изборите и нивно објавување во јавноста“ - обвинија разузнавачите

Виши американски претставници на разузнавањето, рекоа дека веруваат оти руски власти кои се наоѓаат на високи позиции имаат директна одговорност за хакирањето и објавувањето на документи од Демократскиот национален комитет, во обид да влијаат на претседателските избори во САД во 2016-та.

„Заклучивме дека само највисоки руски претставници можеле да го одобрат неодамнешното крадење на податоци поврзани со изборите и нивно објавување“, кажаа директорот на Националното разузнавање Џејмс Клапер, директорот на Националната безбедносна агенција, адмиралот Мајкл Роџерс и потсекретарот за воено разузнавање Марсел Летр, на почетокот на денешниот распит пред Сенатската комисија за вооружени сили. Тие рускиот киберентски напад го нарекоа „голема закана“ за националните интереси.

Иако раководителите на разузнавањето се согласија дека Русија е вклучена во хакерскиот напад на Демократскиот национален комитет, Клапер кажа дека разузнавачката заедница „не може да оцени“ каков ефект имале информациите објавени од Викиликс врз гласачите зад гласачкиот параван.

„Тие не промениле никакво гласачко ливче или нешто слично“, вели тој.

Клапер отиде дури понатака, велејќи дека и Кина досега има успешно спроведено шпионажа против САД, иако кинеските обиди престанале откако двете земји потпишале меѓународен договор за ограничување на шпионирањето во 2015-та.

Претседателот Барак Обама нареди разузнавачките служби да направат преглед за можното странско мешање во изборите во САД, од почетокот на 2008-та година.

Клапер додаде дека Обама за резултатите од истрагата ќе слушне денес, и дека новоизбраниот претседател на САД Доналд Трамп ќе го добие истиот брифинг во петок.

Тој истакна и дека целосен извештај од истрагата на законодавците ќе им биде даден во четврток, а едитирана верзија ќе биде објавена подоцна.

Централната разузнавачка агенција (ЦИА) и Федералното истражно биро (ФБИ), заклучиле дека руската влада стои зад хакирањето во 2016-та и дека Москва намерно ги доставила документите до Викиликс, со цел нарушување на изборите.

Во своето уводно обраќање пред сослушувањето, претседавачот со комисијата Џон Мекејн кажа дека „секој Американец треба да биде алармиран“ од руските акции. Тој додаде дека „Конгресот мора да ги остави партиските поделби настрана“ во истрагата и превенцијата на кибернетските напади против Америка".

На сослушување зад затворени врати на конгресната Комисија за надворешни работи присуствуваа претставникот за кибернетска безбедност при Одделот за домашна безбедност, Дени Толер и претставници од Стејт департментот, Викторија Нуланд и Гентри Смит.

Новоизбраниот претседател Доналд Трамп на неколкупати изрази сомнеж дека Русија се вмешала во гласањето, иако на изглед тој го омекна ставот и кажа дека е „голем почитувач“ на американското разузнавање, обвинувајќи ги „нечесните медиуми“ за погрешно пренесување на неговите ставови.

„Нечесните медиуми сакаат да кажат дека јас се согласувам со Џулиан Асанџ – погрешно“, напиша тој на Твитер.

XS
SM
MD
LG