Претседателот Обама нареди разузнавачките служби да направат преглед за можното странско мешање во изборите во САД, од почетокот на 2008-та.
Американски претставник за Гласот на Америка потврди дека Обама за резултатите од истрагата ќе слушне денес, и дека новоизбраниот претседател на САД Доналд Трамп ќе го добие истиот брифинг во петокот.
Централната разузнавачка агенција - ЦИА и Федералното истражно биро – ФБИ заклучиле дека руската влада стои зад хакирањето во 2016-та и дека Москва намерно ги доставила документите до Викиликс, со цел нарушување на изборите.
Сенатската комисија за вооружени сили ќе го ислуша сведочењето на директорот на Националното разузнавање, Џејмс Клапер, директорот на Националната безбедносна агенција, адмиралот Мајкл Роџерс и потсекретарот за воено разузнавање, Марсел Летр.
Претседавачот со комисијата, сенаторот Џон Мекејн руското мешање го нарече „акт на војна.“