Новоизбраниот претседател Доналд Трамп изрази нов сомнеж за американскиот разузнавачки заклучок дека Русија се вмешала во претседателските избори во САД преку хакирање.
Трамп, на новогодишната забава во Флорида, пред новинарите изјави дека сака американските разузнавачки извори да бидат сигурни, укажувајќи на погрешните информации, кои беа искористени да се оправда војната во Ирак во 2003-та година.
„И ако погледнете на оружјето за масово уништување, тоа беше катастрофа, а тие згрешија. Сакам да бидат сигурни. Мислам дека не е фер ако не знаат. Знам многу за хакирање, и тоа е многу тешко да се докаже. Може да биде некој друг. Исто така знам работи, кои другите не ги знаат, така што не можат да бидат сигурни за ситуацијата“, рече Трамп.
Тој вели дека нема компјутери што можат да ги чуваат безбедни доверливите информации.
Трамп нагласи дека за неговите информации околу оваа ситуација ќе се дознае во вторник или во среда, оваа недела.