Линкови за пристапност

Не сите задоволни од компромисот за долгот


Не сите задоволни од компромисот за долгот
Не сите задоволни од компромисот за долгот

Дебатата станува главното политичко милје во кое ќе се одвиваат претседателските и конгресните избори наредната година.

Договорот што претседателот Барак Обама и конгресните водачи од обете политички партии го постигнаа буквално во минута до дванаесет спречи владата да задоцни со подмирување на долговите. Но, на обете страни на политичкиот спектар има – незадоволни.

Еден од клучните фигури во преговорите беше водачот на републиканското малцинство во Сенатот Мич Меконел. Токму Меконел во доцната фаза на преговорите ги здружи силите со претседателот Барак Обама за да издејствува натпартиски договор со кој владата ќе ги скрати трошоците за 1 трилион долари во наредните 10 години, а предвидува и натамошни скратувања што ќе ги утврди специјално назначена конгресна комисија.

„И покрај историјатот на обемна политичка дебата, оваа земја секогаш била обединета во критичните моменти. Ова е таков момент. Ќе се обединиме и ќе постигнеме договор во полза на Американците“, изјави Меконел за ТВ-мрежата ЦБС.

Според анкетите, Американците очајно очекуваа компромис, стравувајќи дека во спротивно, економијата дополнително ќе се влоши.

Објавувајќи го компромисот, Обама подвлече дека неговиот јавен повик за натпартиски договор помогнал конгресмените да увидат дека е време да се излезе од ќорсокакот за тоа колку да се зголеми границата на владиното позајмување.

„Вашите гласови, вашите писма, електронски пораки, телефонски повици беа причина вашингтонските кругови конечно да постигнат договор“, им порача претседателот на сограѓаните.

Граѓанското движење Ти парти беше главен фактор за почетокот на дебатата за кратење на владините трошоци, особено во Претставничкиот дом, каде многумина од 87-те новоизбрани републиканци дојдоа на функција поради поддршката на движењето. Некои од конгресмените што ја уживаат поддршката на Ти парти не се задоволни од постигнатиот компромис и бараат уште поголеми кратења на владиниот буџет. Воедно, многу организатори на движењето тврдат дека кратењето, онакво какво што ќе биде изгласано, е според нивна заслуга.

„Пред само осум месеци, демократите ги контролираа и обата дома на конгресот, и Белата куќа, а одбиваа договор по прашањето. Не сторија ништо за тоа. Тоа е крајно неодговорно. Американците сакаат проблемот да биде решен“, рече Ејми Крејмер од Ти парти за јавниот конгресен канал ЦСПАН.

Голем број либерални демократи не ја кријат разочараноста од компромисот и се гневни што претседателот потклекнал пред републиакнските барања за големи кратења, без притоа да издејствува во конечниот договор да влезе и неговото барање за даночни зголемувања за најбогатите.

„Целата економија е заложник на тоа да биде задоволена базата Ти-парти на републиканците“, коментира Џастин Рубен од либералната организација MoveOn.Org за ЦСПАН.

Аналитичарите наведуваат дека републиканците ќе освојат поени затоа што ја насочиле главната политичка дебата во земјата на националниот дог и намалување на дефицитот. Па сепак, постигнатиот компромис може да му помоне и на претседателот Обама да освои дел од гласовите во политичкиот центар, што може да биде многу битно на претседателските избори наредната година.

Демократскиот политички стратег Марк Пен смета дека обете инстанци ќе наидат на предизвик наредниве месеци.

„Претседателот ќе мора да покаже што е вредноста на она на што се согласил. Републиканците, пак, имаат проблем со претставата дека се` што сакаат е да ги скратат здравствените бенфиции за постарите лица“, коментира Пен.

Дебатата за долгот најверојатно ќе биде главното политичко милје во кое ќе се одвиваат претседателските и конгресните избори наредната година.

XS
SM
MD
LG