Линкови за пристапност

Обичниот Американец го стега ременот


Обичниот Американец го стега ременот
Обичниот Американец го стега ременот

Додека во Вашингтон трае жолчна дебата за владиниот дефицит, граѓаните мака мачат со сопствените буџети

Градинарот Крег Ледерман раскажува дека многумина Американци не се ни свесни колку се блиску до финансиски колапс. Самиот не бил. Овој поранешен трговец со осигурување на своја кожа искусил како е. Кога започнала рецесијата, пресушила добивката од осигурителни полиси. Започнал да живее од заштедата, но на крај и таа исцрпила.

“Не беше првпат да банкротирам – претходно ја загубив куќата под хипотека. Тоа е трауматичен настан, голем стрес. Може да обвинувам други, но основата на проблемот навистина беше тоа што финансиски не бев внимателен“, вели Ледерман.

Ја заменил канцеларијата со природата и сега кастри дрва и грмушки, сади цвеќиња, плеви... Во новиот бизнис му помагаат неколку вработени.

Работејќи во градина во местото Глиндон, сојузната држава Мериленд, не е толку далеку од Конгресот и Белата куќа во Вашингтон каде деновиве се води жолчна политичка дебата за владиниот дефицит и националниот долг. Конентира: „Федералната влада дава многу лош пример за семејствата и нивните буџети“.

Според Ледерман, владата се финансира преку нови, поголеми задолжувања, а со тоа троши пари што не може да си ги дозволи – слично како што правел самиот пред да го допре дното и да започне да го решава сопствениот финансиски хаос.

„Секоја недела ги заведувам трошоците и заработувачката од бизнисот, пресметувам колку вкупно сум во плус или минус, така што знам на што сум. Бизнисот што не знае на што е, нема ни да знае како да дојде до онаму каде што сака да стигне“, ја изложува стратегијата Ледерман.

Економистите тоа го нарекуваат основно балансирање на буџетот. Ледерман така успеал лека-полека да се извлече од негатива, а денес и да биде во можност да вработува други во компанијата.

Еден вид на препород, вели. Кога денот ќе дојде при крај, за првпат по толку многу време е спокоен, не размислува колку и кому должи.

„Спијам мирно и имам сила за новиот ден. Чекорам на патот кон просперитет“, вели со насмевка Ледерман.

XS
SM
MD
LG