Потврдата за средбата на претседателите на САД и на Русија дојде по посетата на Советникот за Национална безбедност, Џон Болтон, на Москва.
„Претседателот Трамп побара од мене да дојдам и да разговарам со руските власти за можноста за средба меѓу него и претседателот Путин“, кажа Болтон на прес брифинг со странски новинари во Москва.
„Има голем број прашања и покрај разликите меѓу нас каде претседателот Трамп и претседателот Путин можат да најдат конструктивно решение“, додаде тој. „Би сакал да видам некој да каже дека тоа е лоша идеја“.
Болтон беше назначен на функцијата во март и според некои пораката на пријателство што ја пренесе е изненадување.
Како претставник на поранешната администрација на Буш во однос на Русија тој се сметаше за припадник на тврдата линија заради жестоките критики спрема Русија во врска со мешањето на изборите во САД, контролата на оружјето и други прашања.
Прашан за тоа од новинарите, Болтон кажа дека неговите поранешни изјави немаат место во неговата сегашна улога.
„Сега сум советник на претседателот Трамп. Ја спроведуваме неговата агенда и тоа е агендата по која ќе давам совети“, рече Болтон.
Сигурно е дека самитот уште повеќе ќе ја стави под лупа Белата куќа во односите со Русија среде тековната истрага за контактите на претседателската кампања на Трамп и лица поврзани со Кремљ во пресрет на изборите во 2016-та.
Иако Белата куќа и Кремљ повеќе пати јавно ги негираа обвинувањата, двете страни признаваат дека истрагата фрла сенка на обидите за детант.
Тоа го кажа и Путин пред камерите пред започнувањето на разговорите со Болтон.
„На самиот почеток, за жал, мора да се каже дека руско-американските односи не се во најдобра форма“, рече Путин обраќајќи му се на Болтон.
Следните неколку недели сигурно многу ќе се зборува за тоа какви конкретни договори може да произлезат од самитот што е најавен за 16-ти јули.
Болтон кажа дека очекува дискусии што ќе уследат меѓу Државниот секретар Мајк Помпео и неговиот руски колега Сергеј Лавров, кои ќе се фокусираат на тие прашања.
Facebook Forum