Линкови за пристапност

Трамп ќе ги задржи царините за да врши притисок врз Мексико, Канада и Кина


Агенцијата за гранична служба на Канада ги демонстрира своите способности за наоѓање дрога на влезно пристаниште во Онтарио, Канада, 12 февруари 2025 година
Агенцијата за гранична служба на Канада ги демонстрира своите способности за наоѓање дрога на влезно пристаниште во Онтарио, Канада, 12 февруари 2025 година

Американскиот претседател Доналд Трамп ги задржува новите царини за Мексико, Канада и Кина за да ги притисне да го блокираат протокот на смртоносниот опијат фентанил во САД, изјавија во неделата високи економски претставници на Белата куќа.

„Ако прекине фентанилот, мислам дека овие [царини] ќе паднат“, изјави секретарот за трговија Хауард Латник за Ен-Би-Си.

„Ова е црно-бело. Мора да спасите американски животи“.

Трамп минатата недела издаде низа царински одлуки ги потона трите главни американски берзански индекси и ги наруши односите со Канада и Мексико, кои се долгогодишни сојузници на САД и нивните најблиски соседи, како и нивните два најголеми трговски партнера.

Трамп најпрво воведе царини од 25% за канадскиот и мексиканскиот извоз во САД, а потоа ги ослободи давачките за возила од мексиканско и канадско производство што се транспортираат во САД, а подоцна до крајот на неделата ги одложи царините за речиси сите артикли за четири недели до 2 април.

Но, Латник рече дека царините од 25 отсто од САД за увоз на челик и алуминиум ќе стапат на сила в среда, како што е предвидено.

Канада и Мексико се и најголеми извозници на метали на американските пазари, а најмногу увоз на алуминиум има Канада.

Шефот за трговија, исто така, ги отфрли стравувањата дека глобалните царини на Трамп ќе предизвикаат рецесија во САД.

„Апсолутно не“, рече тој.

„Нема да има рецесија во Америка“.

Но, Латник призна дека царините ќе доведат до повисоки цени за американските потрошувачи на стоки произведени од странство.

„Некои производи што се направени во странство може да бидат поскапи, но американските производи ќе станат поевтини, и тоа е поентата“, рече Латник.

Не беше јасно како стоките произведени во САД ќе станат поевтини.

Трамп, во снименото интервју за „Фокс њуз“ го избегна прашањето за можна рецесија поради неговите царини, но рече:

„Постои период на транзиција бидејќи она што го правиме е многу големо“.

„Може да има мало нарушување“, рече тој за загубите на берзата минатата недела.

„Видете, она што треба да направам е да изградам силна земја“.

Мексиканската претседателка Клаудија Шеинбаум и претходниот канадски премиер Џастин Трудо му кажаа на Трамп во телефонски разговори минатата недела дека направиле чекори во спречувањето на протокот на фентанил во САД.

Но, не е јасно дали Трамп ќе биде задоволен од мексиканските и канадските напори за да се откаже од зголемувањето на царините следниот месец.

XS
SM
MD
LG